„Донесена e одлука УНИФИЛ засега да остане на сите свои позиции и покрај повиците на Израелските одбранбени сили да ги напуштат позициите лоцирани во близина на Сината линија“, рече Лакроа, пренесе Ал Џезира.
Тој посочи дека оваа одлука останува во сила.
Мисијата УНИФИЛ, која вклучува стотици европски војници, објави дека во последните денови неколкупати била на удар од израелската војска.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли обвинувањата дека израелските трупи намерно ги нападнале мировниците на УНИФИЛ во Либан како „целосно лажни“ и го повтори повикот тие да се повлечат од борбените зони, објави Ројтерс.
Тој рече дека војската направила максимални напори за да избегне повреда на персоналот на УНИФИЛ додека ги напаѓала борците на Хезболах.
„Но, најдобриот начин да се осигура безбедноста на персоналот на УНИФИЛ е УНИФИЛ да го исполни барањето на Израел и привремено да се тргне од патот“, рече Нетанјаху.
Подоцна, портпаролот на мисијата УНИФИЛ, Андреа Тенети објави видео порака на платформата Икс (Твитер) во која рече дека членовите на УНИФИЛ остануваат.
„Остануваме. Ние сме на југот на Либан под мандат на Советот за безбедност, па затоа е важно да се одржи меѓународното присуство и да се задржи знамето на ОН во таа област“, посочи тој.
Според него, имало некои намерни напади врз нивните трупи.
„Страните имаат обврска да ги заштитат припадниците на мировните сили и да ја осигурат безбедноста и сигурноста на нашите војници“, рече Тененти.