Курти со ова реагираше на апсењето на двајцата косовски државјани од страна на српските власти, кои ги обвинуваат за воени злосторства извршени над Србите.
Курти на седница на косовската влада ја обвини Србија за „неправедни, намерни и злонамерни апсења на граѓаните на Косово и малтретирање на сопствените граѓани“.
„Србија не е опасност само за нашите граѓани, нашата безбедност, регионалната стабилност на Балканот, таа неодамна докажа дека претставува опасност и за своите граѓани кои се спремни да се извинат за српскиот геноцид на Косово. Србија продолжува по патот на методите на Владимир Путин, од заплашување до нехумано мачење на политичките противници“, кажа Курти.
Тој ја обвини Србија и дека не го почитува договорот во рамки на дијалогот за нормализација на односите, кој двете страни го прифатија на крајот на февруари минатата година.
„Во првиот член на договорот стои дека двете страни, односно Косово и Србија, меѓусебно ќе развиваат добрососедски односи, засновани на еднакви права. Србија, меѓутоа, не бира добри односи со нас, всушност бира напади на Косово, како што направи на 24 септември 2023 година во Бањска, а потоа ги заштити извршителите на ова дело на чело со Милан Радоичиќ“, кажа Курти.
Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, ја презема одговорноста за нападот на косовските полицајци во Бањска. Косово тврди дека зад тој напад стои Србија, додека официјален Белград негира.