„Потсетуваме на Коментарите на Комитетот за правата на лицата со попреченост при Организацијата на Обединетите Нации дека Инклузивното образование треба да се сфати како основно човеково право на сите ученици. Сите мерки за поддршка на учениците со попреченост треба да бидат во согласност со инклузијата, да се наменети за јакнење на можностите на овие ученици да учествуваат во училницата и надвор од неа, во училиштето, заедно со своите врсници, наместо да се сегрегираат во посебни училишта. Врз основа на член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање на првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите“, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Од таму ги повикаа сите родители и ученици на кои од овие причини им е оневозможено правото на образование да ја пријават дискриминацијата до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, додека Комисијата по службена должност ќе се обрати до училишта со ресурсен центар за да ја утврди фактичката состојба со процесот на селекција и склучување на договори за работа со образовните асистенти.
Апелираат до Министерството за образование и наука, да се донесе новиот Закон за средно образование, со што ќе се подобри инклузивноста на средното образование и ќе се зголеми проодноста на учениците со попреченост во повисоките ниво на образование.