понеделник, 14 октомври 2024

Крвав напад на парадата на победниците на Супербол. Напаѓач совладан од навивачите (ВИДЕО)

Едно лице загина, а 21 се повредени во нападот во Мисури на крајот од победничката парада на Канзас Сити Чифс, кои го освоија овогодишниот Супербол. Осум лица се здобиле со повреди опасни по живот, а седум се тешко повредени при што нивните повреди исто така може да бидат опасни по живот, соопштија властите.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу ранетите има и девет деца, но се очекува сите да закрепнат. Полицијата соопшти дека уапсила тројца осомничени во врска со престрелката.

Истрелите биле испукани западно од Унион стејшн, железничката станица во центарот на Канзас Сити, каде што завршила парадата околу 14 часот по локално време. На лице место имало илјадници луѓе.

Локалните извештаи велат дека играчите на Канзас Сити Чифс сè уште биле на сцената кога одекнале првите истрели. Престрелката ја принуди толпата, вклучувајќи го градоначалникот и неговото семејство, да побегнат во засолниште.

Шефот на полицијата во Канзас Сити Стејси Грејвс рече дека полицајците веднаш реагирале и брзо отвориле истрага. Пожарникарите се вклучиле и им пружиле помош на повредените.

Повеќе од 800 полицајци веќе биле на местото на настанот за да ја следат парадата, соопштија официјални лица. На прес-конференцијата одржана по нападот, началникот на полицијата Грејвс изјави дека биле застрелани вкупно 22 лица, од кои еден е мртов, а три лица се уапсени.

Локална радио станица објави дека една од нивните диџеи, Лиза Лопез, мајка на две деца, била убиена во пукањето. Преживеаните жртви се пренесени во три локални болници, изјавија официјални лица, а застреланите кои биле во критична состојба биле пренесени во болница во рок од 10 минути по пукањето.

Девет деца, на возраст од шест до 15 години, со прострелни рани се лекуваат во детската болница Мрси, изјави главната медицинска сестра Стефани Мајер. „Единствениот збор што би го користела за да го опишам она што го видовме и како се чувствуваа кога дојдоа кај нас е страв“, додаде таа.

Локалните болници соопштија дека ги лекуваат и луѓето кои не биле застрелани, но претрпеле други повреди во стампедото што следело по пукањето. Градските власти не ги објавија имињата на ниту една жртва. Тие исто така не споделија никакви информации за уапсените осомничени, вклучително и потенцијален мотив.

Американската ТВ станица КТЛА објави видео на кое се гледа како во стампедото кое настанало по пукањето, неколку навивачи се фрлаат врз еден од осомничените напаѓачи и го држат под контрола додека не дошла полицијата.

Полициски извор за Си-би-ес њуз изјави дека пукањето изгледа било резултат на расправија која прераснала во насилство. Изворот рече дека не станува збор за тероризам. Полицијата соопшти дека го истражува мотивот и собира физички, но и дигитални докази. Тие побараа од сите сведоци или поединци кои имаат информации да контактираат со полицијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ