„Овој пристап е генерално позитивен, но постојат нијанси“, рече портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков на брифинг со новинарите.
Во вторникот вечерта, во рамки на својот говор пред Конгресот, американскиот претседател рече дека добил гаранции од Зеленски дека е подготвен да преговара за „траен мир“ со Русија. Трамп рече дека добил писмо од украинскиот претседател во кое се вели дека „Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро“.
„Прашањето е: со кого да се седне на преговарачка маса“, коментираше Песков во средата. „Засега останува на сила законската забрана на украинскиот претседател да преговара со Русија“, додаде тој.
Во октомври 2022 година, Зеленски издаде декрет со кој се забрануваат какви било директни преговори со рускиот претседател Владимир Путин, аргумент што Москва редовно го користи за да го обвини Киев дека не сака мир. Украинскиот претседател сепак изјави дека е подготвен да се сретне со Путин, но како дел од какви било преговори за ставање крај на конфликтот, тој бара цврсти безбедносни гаранции од своите западни сојузници.
А Путин редовно повторува дека е подготвен за преговори под одредени услови. Москва смета дека Зеленски е нелегитимен претседател на Украина, бидејќи неговиот мандат требаше да истече во 2024 година. Сепак, со оглед на вонредната состојба што е на сила во Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, распишувањето избори е забрането.
Русија бара и „демилитаризација“ на Украина, како и враќање на териториите за кои тврди дека ги анектирала, услови кои Киев ги смета за неприфатливи. И покрај сите расправи и договори за преговори, досега ништо не е реализирано.