вторник, 8 октомври 2024

Кредитирањето е зголемено за 7,5 отсто, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити

Вкупните депозити анализирани на годишно ниво, во август се зголемени за 9,1 отсто, што се должи на растот на депозити на двата сектори, со доминантен придонес на секторот домаќинства, а вкупните кредити, пак, на годишна основа, бележат раст од 7,5 отсто како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектори, коешто е поизразено кај кредитите на корпоративниот сектор, соопшти Народна банка.

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на Народна банка (НБРМ) вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август, бележат раст од 3,1 отсто споредено на месечно ниво.

„Притоа, месечната промена во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во денари и во странска валута, а помало позитивно влијание имаат и долгорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута остварија пад. На годишно ниво, растот изнесува 3,8 отсто, во поголем дел поради зголемените депозитни пари, долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, при дополнителен придонес и на долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат пад“, велат од НБРМ

Оттаму посочуваат дека во август, кредитите на корпоративниот сектор забележаа месечно и годишно зголемување од 0,5 отсто и 8,1 отсто, соодветно, што во целост е резултат на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута се намалени.

„Кај вкупните депозити на домаќинствата во август е забележан месечен и годишен раст од 1,2 отсто и 12 отсто, соодветно. Промената кај двете основи, во поголем дел се должи на растот на депозитните пари, како и на долгорочните депозити во странска валута и во денари, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари. Кредитите на домаќинствата, во август, се повисоки за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец. Анализирано по валута, месечниот раст произлегува од зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута. Годишниот раст од 7,2 отсто е резултат на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари“, информираат од Народна банка.

Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, оствариле месечно зголемување од 0,3 отсто и 0,8 отсто, соодветно, при годишен раст од 6,4 отсто и 10,8 отсто, соодветно. Автомобилските кредити, во август, забележаа месечен и годишен раст од 4,5 отсто и 27,4 отсто, соодветно.

Кредитите одобрени на кредитни картички се пониски за 0,6 отсто и 8,9 отсто, на месечна и на годишна основа, соодветно, а негативните салда на тековните сметки забележаа месечен и годишен пад од 3,3 отсто и 7,3 отсто, соодветно. Во август, кредитите одобрени врз други основи се намалени на месечно и на годишно ниво за 1,7 отсто и 19,5 отсто, соодветно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ