Синоќа немаше сигурна потврда дека Пригожин загинал, но телеграм-каналот „Греј зоун“ поврзан со Вагнер објави дека Пригожин е мртов.
„Водачот на групата Вагнер, херојот на Русија, вистински патриот на својата татковина – Јевгениј Викторович Пригожин загина како резултат на дејствијата на руските предавници“, се вели во објавата на каналот. „Но дури и во пеколот тој ќе биде најдобар! Слава на Русија!“
Причината за несреќата не беше јасна синоќа, но долгогодишната пресметка на Пригожин со воениот сектор и оружениот бунт што тој го водеше во јуни даваат доволен мотив за руската држава да се одмазди, наведува Гардијан. Медиумите поврзани со Вагнер побрзаа да сугерираат дека рускиот противвоздушен ракетен систем го соборил авионот.
Росавијација, руската агенција за воздухопловство, соопшти дека во авионот што се урнал биле „Пригожин и командантот на Вагнер Дмитриј Уткин“. „Истрага е покрената во врска со падот на авионот ембраер што се случи во Тверската област. Името и презимето на Јевгениј Пригожин се на списокот на патници“, се наведува во соопштението на Росавијација, пренесува државната новинска агенција ТАСС.
Министерството за вонредни ситуации на Русија соопшти дека авионот што патувал од Москва за Санкт Петербург се урнал во близина на селото Куженкино во Тверската област.
Пригожин (62) на 23 и 24 јуни водеше бунт против највисоките воени претставници на Русија, за кој претседателот Владимир Путин рече дека ја довел Русија на работ на граѓанска војна.
Бунтот заврши со преговори и очигледен договор со Кремљ, според кој Пригожин се пресели во соседна Белорусија со гаранции од Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко. Сепак, се чинеше дека тој слободно се движи низ Русија по тој договор.
Пригожин, кој тврдеше дека сака разрешување на министерот за одбрана Сергеј Шојгу и Валери Герасимов, началникот на Генералштабот, во понеделникот објави видеообраќање за кое рече дека е снимено во Африка.
Рускиот телеграм-канал ВЧК-ОГПУ објави дека меѓу патниците во авионот бил и Дмитриј Уткин, централна фигура на Вагнер и најблизок соработник на Пригожин. „Вагнер е обезглавен“, објави каналот. Непотврдени руски медиуми наведуваат дека Пригожин и неговите соработници присуствувале на состанок со претставници на руското Министерство за одбрана.
Ројтерс не можел да ги потврди овие податоци од независни извори, а Кремљ и Министерството за одбрана синоќа не ги коментираа овие наводи.
Набргу по исчезнувањето на авионот од небото, друг приватен авион поврзан со Пригожин, кој исто така најверојатно летал за Санкт Петербург, базата на Пригожин, се вратил во Москва, покажуваат записите на летот. Тој авион слетал во Москва, објави Ројтерс.
„Онлајн-следачот на Флајт радар24 покажа дека авионот ембраер легаси 600 (шифра на авионот РА-02795) исчезна од радарот во 18:11 часот по локално време.“
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како летало слично на приватен авион паѓа од небото кон земјата. Друго видео, чија автентичност исто така не е потврдена, ги покажува остатоците од авионот во пламен. Најмалку едно тело е видливо.
Михаило Подољак, советник на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави на Твитер по извештаите за авионската несреќа: „Што се однесува на Пригожин: треба да почекаме да се расчисти маглата на војната“.
„Сепак, јасно е дека Путин никому не простува поради сопствениот ѕверски страв – истиот што го парализираше во јуни 2023 година – и тој чекаше момент. Очигледно е и дека Пригожин ја потпишал сопствената потерница во моментот кога поверувал во чудните ‘гаранции на Лукашенко’ и не помалку апсурдниот ‘чесен збор’ на Путин“, напиша Подољак. „Отстранувањето на Пригожин и командата на Вагнер два месеци по обидот за државен удар е сигнал на Путин до руските елити пред изборите во 2024 година: „Борете се! Непослушноста значи смрт“, додаде тој.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека нема факти за тоа што се случило, но додаде дека „не е изненаден“. „Во Русија не се случуваат многу работи зад кои не стои Путин, но не знам доволно за да дадам конкретен одговор“, рече Бајден.
Естонската премиерка Каја Калас изјави за Си-ен-ен дека „ако е вистина, тоа покажува дека Путин ќе ги елиминира противниците и тоа го плаши секој што сака да изрази мислење што се разликува од неговото“.
Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау на државниот канал ТВП Инфо рече дека е тешко да се именува „некој што интуитивно би помислил дека ова е случајност“. „Се случува политичките противници што Владимир Путин ги смета за закана за неговата моќ да не умрат природно“, рече тој.
Рускиот провладин аналитичар Сергеј Марков, како што пренесува порталот Политико, се обиде да ја префрли вината на Украина.
„Пригожин е мртов. Никој не верува дека ова е несреќа“, напиша тој на каналот Телеграм. Во посебна објава, навестувајќи кого спин-докторите на Кремљ би можеле да го наместат за авионската несреќа во часовите и деновите што доаѓаат, Марков рече дека „убиството на Пригожин и Уткин… веројатно е терористички напад од Украина пред Денот на независноста на Украина.“
„Сите непријатели на Русија веќе се радуваат. Атентатот на Пригожин е главното достигнување на Украина оваа година“, напиша Марков.
Додека се појавуваа вестите за авионската несреќа, Путин зборуваше на настан во чест на битката кај Курск, фалејќи ги хероите на Русија во „специјалната воена операција“ во Украина, објави Асошиејтед прес.