петок, 21 март 2025

Ковачки: Ахмети и Села се безидејни штом мора АРМ да ја втурнуваат во нивната политичка кал

Армијата не е политичка играчка, а од штабот на Али Ахмети и од партијата на узурпаторот Зијадин Села сакаат армијата да ја вовлечете во нивната партиска кал, да ја делат по етнички линки како што делеа институции, фирми, тендери…, реагира со објава на својот фејсбук профил пратеникот Драган Ковачки откако ДУИ преку соопштение тврдеше дека се врши систематското исклучување и маргинализација на Албанците од клучните структури на армијата (АРМ).

Објавено на

часот

Сподели

Ковачеки во својата објава вели дека е запрепастен од безобразието со кое ДУИ и остатоците од Алијанса за Албанците (АА) удрија врз командната структура на АРМ.

„Со каква леснотија овие лешинари и губитници, без срам и без трошка совест, фрлаат кал и изнесуваат лаги врз луѓето кои цел живот ја носат униформата и се гарант на нашата безбедност. Во кое време живеете вие што ќе ве снема на следните избори?Така ли мислите да добивате политички поени, оцрнувајќи поединци дека биле русофили или србомани и што уште не? Додека целиот свет се наоѓа пред сериозен предизвик, вие – измеќарите на Ахмети одвнатре работите против сопствената држава!Зарем толку сте безидејни и изгубени во вашите гнасни игри па морате да се служите со лаги и измислици?“, напиша Ковачки на фејсбук.

Тој ги прашува Ахмети и Села кој им да за право да го валкаат угледот на луѓето во АРМ?

„Генералите и офицерите по кои плукате со партиски соопштенија, не паднале од небо – тие со години, со децении, носеле униформа, се заколнале на верност на државата (за разлика од вас што гледате да ја разнебитите), биле на првите линии кога било најтешко! Да, за разлика од вас, кои цел живот ја продавате државата за ситни интереси! Јас, како нивен поранешен колега, не секогаш сум се согласувал со сите одлуки, сме имале различни гледишта по некои прашања. Но едно знам – нивниот професионализам, нивната лојалност и нивната жртва за Македонија никогаш не биле доведени во прашање! И токму тие генерали што ги напаѓате (не се генерали од вчера) беа и понижени согласно одлуки на тогашното раководство на Министерството за одбрана (МО) и на тогашниот потстанар во вилата на Водно, Пендаровски“, вели Ковачки во објавата.

Тој тврди дека армиските лица по кои „плукаат“ ДУИ и АА, се луѓе се патриоти, професионалци, браници на оваа земја!

„Не играат по партиски ноти, не ви се плашат, не клечат пред вас! И затоа ви пречат!За крај – колку и да се обидувате да ги валкате, народот не е слеп! Армијата била и ќе остане чувар на државата! А вие, политички трговци, ќе останете само фуснота во историјата на почетоците на македонската демократија во која секој можел да кажува секакви лаги и да остане неказнет. За крај, до загрижените од ДУИ и остатокот од Алијанса, овие генерали можеби и имаат учено во поранешна ЈНА и Србија. Таков бил системот. Но истите се вратиле во Македонија кога требало. Нејсе – ете уште година – две ќе одат во старосна пензија. Туку што правиме со Талат Џафери кој исто така има учено во ЈНА и Србија (србоман и русофил ли е?) да не е и тој некој ,’скриен агент’?“, прашува Ковачки во објавата на фејсбук.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) минатиот месец преку соопштение ја изрази својата загриженост за „систематското исклучување и маргинализација на Албанците од клучните структури на армијата“.

„Албанците во армијата се исклучени и ограничени од донесувањето важни одлуки и пристапот до стратешки позиции. Маргинализацијата на Албанците не запира само со исклучувањето од раководните позиции, туку се проширува и во системот на военото образование. Загрижувачки е што наместо да помогнат во решавањето на овој проблем, избраниците на ВМРО-ДПМНЕ кои играат улога на „албански претставници“ само ја легитимираат оваа неправда. Овие политичари се неспособни и без храброст да го кренат својот глас против оваа отворена дискриминација, станувајќи  соучесници во маргинализацијата на Албанците. Во меѓувреме, македонскиот дел од општеството продолжува да молчи за оваа неправда, игнорирајќи ги загриженостите на Албанците и не разбирајќи дека дискриминацијата на еден народ не е само етнички проблем, туку и криза на самата држава. Овој постојан молк само ги продлабочува поделбите и создава тензии кои ја оштетуваат иднината на соживотот во земјата“, наведоа тогаш од ДУИ.

Од ДУИ апелираа на итна реакција од сите институции и целото општество „за да се стави крај на оваа дискриминација која ја загрозува заедничката иднина на нашата земја“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ