„Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време и својата функција ја обавував согласно законите на Република Северна Македонија, согласно Законот за влада и согласно Законот за избори и поднесов оставка, така што сите одлуки коишто се носени потоа во однос на примањата на функционерите кои обавувале такви функции се направени согласно законот, согласно со одлуки на Собранието. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на такви закони коишто се почитуваат имаме зголемување и на минималната плата за огромен процент повеќе во однос на 2016/2017 година и имаме зголемување на просечната плата. Така што, тоа е нешто што не може да се коментира, тоа е нешто што е законско решение“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговото барање за апанажа.
Тој вели дека бил обвинуван од опозицијата дека поседува компании и фирми, нешто што опозицијата, но нагласи, се потврди дека тоа било лага и дека ниту има свои компании, ниту свои бизниси.
Според него, не е точно дека е неуставно со поднесувањето на оставка или со разрешување да не следува апанажа.
„Оставката е заради исполнување на законската обврска мандатот да престане на 100 дена пред одржување на изборите и согласно со тоа завршува мандатот. Така што кој и да бил претседател на владата неговиот мандат завршува на 100 дена пред изборите согласно со законската регулатива – Законот за влада и Законот за избори“, потенцира Ковачевски.
Во однос на можноста за укинување на апанажата, тој смета дека тоа треба да се види во парламентот, но и дека треба да следува апанажа доколку некој извршувал општествена функција или која било друга функција.
„Јас сметам дека доколку некој извршувал општествена функција или која било друга функција тогаш треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период за својата кариера да ја насочи кон нешто друго. Ако го прашате директорот на една приватна компанија, кога работите и во приватни компании на именувани функции, тогаш исто така следуваат такви договорни обврски во коишто се дава одреден период за да може кариерата да се насочи во друга насока. Така што не би сакал да давам популистички изјави дека нешто не треба да се прави бидејќи апанажата се однесува на многу избрани и менувани функционери. На пример, има луѓе коишто седат четири години во парламент и кои потоа треба да направат трансфер на својата кариера во некоја друга област“, вели лидерот на СДСМ.
Тој на друго прашање рече дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе измени на сите закони со кои се регулираат платите на функционерите со цел платите на овие лица да не пораснат.
„Најдовме уставно издржано решение со кое нема да пораснат платите на функционерите со новото ниво на просечната плата. Со ова решение постоечките коефициенти ќе бидат намалени со што платите на сите избрани и именувани лица нема да пораснат“, изјави Ковачевски.
Минатата година во март со одлука на Уставниот суд со која се укина член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, се одмрзнаа платите на избраните и именуваните лица и беа зголемени за 78 проценти.
По реакциите на јавноста, Владата формираше работна група која требаше да изнајде решение. Владините претставници тогаш посочуваа дека се потребни измени на седум законски решенија.