петок, 24 јануари 2025

Костадиновски: Одлуката на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците – најдоцна во мај, наредната година

Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Дарко Костадиновски, истакна дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој информираше дека на работен состанок на 23 декември ќе се дефинираат спорните прашања, а по завршувањето на подготвителната седница, најдоцна до мај, судот ќе одлучува по предметот. 

Објавено на

часот

Сподели

„Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија, веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. Уште сега, на крајот од оваа седница побарав од судијата-известител најдоцна до 23 декември да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната седница – да подготви предлог-листа на учесници, бидејќи одлуката ја носи судот на посебен работен состанок. Во оној момент кога ќе го добиеме ‘амикусот’, моја проценка е дека ќе биде тоа почетокот на март, ќе биде одржана подготвителната седница“, рече Костадиновски, дополнувајќи дека по завршувањето на подготвителната седница, (не повеќе од еден месец), ќе им бидат потребни за разработка на рефератот врз основа на резултатите од подготвителната седница. Според Костадиновски, тоа значи дека најдоцна во мај, наредната година, Уставниот суд ќе одлучува по предметот.

На денешната прес-конференција по одржаната 32-ра седница, Костадиновски нагласи дека судот е изложен на политички притисоци и манипулации, но дека ќе продолжи со постапувањето по предметот, барајќи мислења од странски експерти за да обезбеди независност и непристрасност. Тој ги отфрли обвинувањата за политичко влијание и етничко надгласување, истакнувајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот и на правдата.

„Кажав и ќе повторам, да не му падне на памет да ја толкува подготвителната седница како наша слабост. Не! Ние почнавме со постапувањето по предметот. Ова е дел од постапката. И добар е предлогот за подготвителна седница затоа што ако нешто имам јас лично, (сега јас кажувам лични ставови) колку што можам да ги разобличам сите лаги на политичарите, да им ги одземам сите аргументи. Подготвителната седница секогаш е еден од инструментите што ги имаме на располагање да ги викнеме најеминентните стручњаци по уставно право, по јазично, по меѓународни стандарди. Дајте да ги судриме аргументите за да видат, и пак ќе кажам – граѓаните, не политичарите. Зашто што и да правам, политичарите нема да видат, не сакаат да видат, не им е во интерес да видат. Сакам граѓаните да си бидат спокојни и да не дозволуваат да бидат манипулирани“, рече претседателот на Уставниот суд.

Костадиновски нагласи дека нема да дозволи Уставниот суд да биде уценуван, или под притисоци од кого било.

„Секој што мисли дека владеењето на правото ќе биде попречено со политичко влијание и манипулации, нека не се труди. Уставниот суд има јасни надлежности и е чувар на Уставот“, изјави Костадиновски.

Потоа дополни дека одлуката да се одржи подготвителна седница треба да се толкува како врвен чин на одговорност и почит кон граѓаните, за да не бидат манипулирани од политичарите и посчи дека судот ќе побара мислења од странски експерти пред да донесе конечна одлука, со цел да се обезбеди независност и непристрасност во процесот.

Во однос на ставовите што беа истакнати во јавноста, тој посочи дека судот има должност да постапува по секој предмет за којшто е доставена иницијатива, без оглед на политичките притисоци.

„Стигнаа многу прашања, на дел ќе одговорам. Првата лага и манипулација со чувствата на граѓаните е дека Уставниот суд извршува политички програми, дека сме биле параполитичка организација, дека некој што нè избрал во некој состав имал и право, или можност да влијае врз нас, дека сме посакувале дестабилизација. Тоа се тешки лаги. Ова е апсурд, класична манипулација“, рече Костадиновски.

Костадиновски нагласи дека политичарите често ги преминуваат црвените линии на пристојноста и дека не е секоја тема е погодна за политичка борба. Тој исто така ги отфрли обвинувањата за етничко надгласување и нагласи дека правдата е слепа и сите се еднакви пред Уставот и законот.

Уставниот суд на Македонија денеска одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.

По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост, или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ