Според косовското претседателство, наредбата за ваква контрола, која ѝ била направена на Османи, ја дало Министерството за внатрешни работи на Македонија.
„Всушност, скопскиот аеродром, како и самото Министерство за внатрешни работи на Македонија, признаа дека наредбата е дадена од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за таква контрола, што целосно е во спротивност со правилата за однесување со шефовите на држава според дипломатските практики“, се вели во реакцијата и се додава дека не е точно дека Османи не се согласила да ѝ ја скенираат чантата.
„Ова е невидена тенденција да се оцрни не само претседателката, туку и државата Косово. Северна Македонија треба да има предвид дека ваква пропаганда се прави против претседателка која во својот мандат сама придонела за продлабочување на позитивните односи меѓу Косово и Северна Македонија“, се вели во реакцијата.
Претседателството повтори дека службениците на скопскиот аеродром се обиделе физички да ја попречат Османи и дека согласно безбедносните протоколи „косовската полиција професионално реагирала“. Претседателството ја опиша ситуацијата на аеродромот како „чиста провокација и тенденција за предизвикување инцидент“.