На Косово од 1 февруари стапи на сила указот на централната банка кој предвидува готовинските плаќања и платниот промет да се вршат исклучиво во евра, што ја засили загриженоста на српската заедница бидејќи платите и пензиите од Србија ги примаат во динари кои ги користат за купување и продавање.
Европската Унија изрази загриженост поради последиците кои таа одлука ќе ги има на секојдневниот живот на косовските Срби, а меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на указот, поради негативното влијание врз Србите.
„Не можам да ја поништам одлуката, но нема да има никакви казнени мерки, не сакаме никого да казнуваме“, кажа Курти за Блумберг, и најави дека Србите на Косово ќе добијат време да се прилагодат на новата одлука.
„Работиме на сеопфатни информации кои ќе ги објавиме во следните денови“, порача Курти.
Белград во меѓувреме поради одлуката и нејзините последици побара вонредна седница на Советот за безбедност на ОН на која српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека се прави „непоправлива штета“.
Укажувајќи дека указот на косовските власти е во спротивност со резолуциите и повелбите на ОН, тој од меѓународната заедница побара „итни и решителни потези“ за да се сопре прогонот на Србите од Косово и да се создадат услови за продолжување на нормалниот дијалог меѓу Белград и Приштина.
Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави за Танјуг дека Вашингтон бил целосно јасен дека не може да има еднострани потези на Косово и дека тие ќе имаат последици.
Ескобар за одлуката за забрана на динарот на Косово истакна дека за тие прашања требало да се комуницира во рокови кои нема да влијаат врз населението.