За неговиот избор гласаа 78 пратеници, 60 беа против, а двајца воздржани.
Пред гласањето, парламентарната опозиција ги повтори острите критики на сметка на изборот на Турудиќ и ја повика владејачката партија да се откаже од изборот, пренесува Хина.
Пеѓа Грбин од СДП по гласањето повика на минута молчење за правосудството „на кое му е забиен последниот клинец во ковчегот“.
На сметка на Турудиќ во претходните денови беа изнесени низа обвиненија по објавувањето на неговата преписка со поранешната државна секретарка Јосипа Римац, обвинета за корупција.
Опозицијата Турудиќ особено го критикуваше откако Јутарњи лист објави детали од стотина негови пораки на Ватсап со Јосипа Римац, поранешна висока функционерка на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и поранешна градоначалничка на Книн. Таа наводно од него барала забрзување на работата по судски предмет.
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ претходно соопшти дека Турудиќ не смее да биде главен државен обвинител бидејќи за тоа постојат сериозни безбедносни пречки.
Милановиќ истакна дека е „недозволиво“ тоа што Турудиќ, како претседател на Жупанискиот суд во Загреб, се сретнувал со Здравко Мамиќ, висок функционер на загрепскиот фудбалски клуб Динамо, кој тогаш беше под истрага за корупција во тој клуб.