Орбан денеска по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Охрид изјави дека Унгарија е подготвена да го искористи Претседателството со ЕУ и да посредува во прашањето со Бугарија.
„Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник, ќе видиме. Тоа е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение, такво какво што одговара и на Македонија и на Бугарија. Но, тоа е работа на страните кои се во конфликт, ние сме тука да им помогнеме“, изјави Орбан.
Во однос на одвојувањето од Албанија на патот кон ЕУ, Орбан рече дека тоа е голема грешка и порача дека земјава до крајот на годината мора да ги започне преговорите за зачленување во ЕУ.
„Тешко е да се разбере од една нација постојано да се залажува со започнување на преговорите за членство, а потоа сите оние држави со кои заедно тргнаа во овој процес напредуваат, а нив ги држат во позадина“, кажа унгарскиот премиер, кој е во дводневна официјална посета на Македонија.