Епизода трета:
На фотосот се 4 илјади неделни изданија на двата весника кои веќе близу 40 години излегуваат во јужната хемисфера.
Оваа колекција во над 200 тома може да се нарече Енциклопедија Македоника на дијаспората и е наменета за Државниот архив на Македонија. Ќе сведочи дека секој вторник и четврток Македонците од градовите, фармите, рудниците си оделе и си одат во продавниците за да си купат македонски весник. На територија сто пати поголема од Бугарија и триста пати поголема од Македонија. Никој од нив не побарал согласност од никого за постоењето на нашиот литературен јазик. И никој никогаш не побарал помош од македонските власти. Замислете: на простор сто пати поголем од Бугарија и триста пати поголем од Македонлја продадени над 20 милиони примероци без согласност на бугарската и македонската влада.
Епизода втора.
А на 40 годишнината од слободното македонско творештво, есента 1985 година, во Друштвото на писателите беше приредена изложба наречена Македонската книга на други јазици. Изложбата свечено ја отвори Блаже Конески кој и самиот се изненади кога виде две илјади преводи на македонски книги, од кои четвртина научни и три четвртини уметнички дела. Замислете: ниту еден превод на бугарски јазик. Иако никој не праша зошто е тоа така, во мене како организатор на тој настан остана горчина. Еден мал народ решил да негира уште помал народ.
Епизода прва:
Како е можно денес творците на тој литературен јазик кој слави 80 години од своето нормирање и бележи над 300 илјади библиографски единици да не можат да си платат ниту еден ручек со одлична книга, додека оние што си ги чешаат јазиците да заработуваат толку многу? Па, творците го направија македонскиот литературен јазик толку раскошен и убав. Не е чесно да продолжи вака и по 80 години плодно уметничко и научно творештво. Избраниците на оваа држава ги заборавија сите творци, вклучувајќи ги и академиците.
Не дај Боже тие да стапат во штрајк или да престанат со творештво, вие ќе нема со што да си ги чешате јазиците.






