понеделник, 8 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Асистенции што менуваат животи

Со богатството и статусот на спортска ѕвезда доаѓа и одговорноста, а во НБА таа е на едно друго, неспоредливо ниво. Одговорност за оние кои не се благословени со финансиски полагоден живот, за оние кои имаат здравстени проблеми, за заедницата, за животната средина, за образованието на новите генерации... Таа одговорност не запира кога светлата во салите ќе се изгаснат и кога натпреварот е завршен. Напротив, за повеќето НБА играчи токму тогаш започнува нивниот индивидуален однос кон одговорноста што ја носи нивниот ѕвезден статус.

Секој месец, НБА ги наградува своите играчи од лигата со „Награда за помош кон  заедницата“ (NBA Community assist award). На овој начин му се оддава признание и почест на играчот кој во тој месец најдобро ја демонстрира желбата на НБА лигата и играчите на конкретен начин да ѝ вратат на заедницата дел од нејзината инвестиција во нив. Секој клуб има свои газди, но финансискиот аспект на договорите со играчите по правило е покриен од оние кои на секој натпревар ја полнат арената и уживаат во виртуозноста на нивните спортски идоли и од оние што натпреварите ги следат преку медиуми. Нивната инвестиција во влезници, дресови на омилени играчи, во претплата на различни медиумски услуги… го полни буџетот како на НБА, така и на клубовите. НБА го признава и цени тој факт и самата, како лига, но и преку кошаркарите, секојдневно ја презентираа својата дарежливост и решителност да ги направи своите заедници подобро место за живеење.

Оваа награда е именувана по Боб Ление, а во чест на неговиот значаен придонес за лигата и анимирањето на младите ширум светот кошарката да биде нивен избор. Ление повеќе од 30 години беше извршен директор на канцеларијата на НБА лигата и амбасадор на „НБА се грижи“ (NBA Cares), а неговата љубезност, дарежливост и посветеност кон подучувањето на вредностите на играта и нејзината хумана страна беше почувствувана на сите меридијани низ светот.

„НБА се грижи“ е официјална програма за општествена одговорност на Националната кошаркарска асоцијација, лансирана во 2005 година како начин лигата, нејзините тимови и играчи систематски да им враќаат на средините и заедниците во САД, а подоцна таа инцијатива се прошири и низ целиот свет. Нејзината мисија, едноставна, но амбициозна, e да помогне во справувањето со важни општествени прашања како што се образованието, поддршката за младите и семејствата, за нивното здравје и благосостојба, како во САД, така и на меѓународно ниво. NBA Cares не е добротворна организација која делува самостојно и само според своите инцијативи. Таа е срце и мозок на многу добротворни локални и глобални организации како УНИЦЕФ, „Клубови за момчиња и девојчиња на Америка“ (Boys & Girls Clubs of America), Фондацијата „Замисли желба“ (Make-A-Wish Foundation), Специјалната олимпијада и многу други, со цел да креира и поддржува програми што имаат долгорочно влијание врз младите и општеството. Притоа, НБА не е само финансиер и идеен творец на проектите, туку директно вклучува и играчи, тренери и персонал во практична работа во заедницата. Нивното присуство и благородна мисија има огромен ефект врз младите насекаде каде што вакви проекти се изведуваат.

Еден од поуспешните проекти на NBA Cares се т.н. „НБА Центри за учење и игра“ (NBA Learn & Play Centers). Преку овој проект лигата изгради или реновира над 2.200 безбедни простори низ целиот свет, вклучувајќи читални, технолошки и научни лаборатории и кошаркарски терени. На пример, во 2023 година, НБА отвори ваков центар во Манила на Филипините, давајќи им на локалните деца пристап до спортски објекти, но исто толку важно, и до образовни ресурси од објекти, до книги и различни лаборатории.
Во рамките на проектот „Кошарка без граници“ (Basketball Without Borders), воден заеднички од NBA Cares, FIBA и локални кошаркарски федерации, се организираат тренинг кампови за најмладите играчи и се комбинираат со семинари за животни вештини, кампањи за подигање на свеста за здравјето, хигиената и меѓучовечките односи. Во работата на овие кампови лично учество земаат голем број НБА ѕвезди и со нивното присуство и ангажман привлекуваат огромно внимание кон филантропската димензија на кошарката и спортот воопшто. За време на Ол стар викендот, традиционално се остварува по една значајна хуманитарна цел со промоција и учество на најголемите НБА ѕвезди, како и на волонтери од градот домаќин. За време на Ол стар викендот во 2024 година во Индијанаполис, на пример волонтерите на NBA Cares подготвија повеќе од 100.000 оброци за локалните банки за храна кои им беа делени на најсиромашните слоеви на населението во градот. Финансиската подлога за оваа акција во целост беше покриена од НБА. Накратко, според последните информации од НБА, од 2005-та година кога беше основана, „НБА Се грижи“ донирала над 370 милиони долари во добротворни организации и заедници, или во просек по 18,5 милиони долари годишно, како и преку 6,5 милиони часа практична волонтерска служба во различни активности од корист за заедниците.

Надвор од организацијата на НБА, голем број НБА кошаркари самите имаат свои фондации кои вложуваат во хуманитарни и филантропски цели.

Леброн Џејмс на својата кошаркарска величина ѝ додаде импозантна улога во сферата на образованието. Неговото училиште „Ветувам“ (I PROMISE) во неговиот роден град Акрон во Охајо е повеќе од училиште, тоа е ветување на ЛеБрон Џејмс за децата од најнепривилегираните слоеви и средини дека нема да бидат заборавени. Леброн на оваа популација млади им доделува бесплатна школарина, оброци, велосипеди и загарантирани стипендии за колеџ за дипломираните  средношколци. Леброн Џејмс го претвори својот спортски и финансиски успех во опиплива, директна надеж за младите и контуниурано го менува животот на стотици семејства кои со неговите стипендии го пробиваат својот пат во животот.
Стивен Кари, уште еден од оние кои секако ќе најдат свое место во „NBA Hall of Fame”, преку неговата Фондација „Јади. Учи. Играј“ (Eat.Learn.Play Foundation), заедно со неговата сопруга Ајеша се најголеми донатори на „Обединетиот училишен округ на Оукленд“ (OUSD). Тоа е систем за јавно образование на градот Оукленд во кој се вклучени преку 80 основни и средни училишта, а во кој дури 77% од учениците, поради финансиски хендикеп, немаат можност да го платат целиот износ за дневните оброци. Токму за овие деца, фондацијата на Кари ја покрива разликата во трошоците и им обезбедува целосна бесплатна исхрана за време на школувањето. Во последните 5 години, фондацијата вложи 25 милиони долари во индивидуално учење за децата кои имаат проблем со читање и заостануваат во образованието. Од 2020 до сега Стивен Кари преку „Јади. Учи. Играј“ вложи преку 11 милиони во реновирање на школските спортски терени.

Ниту Кевин Дурант, со својата „Фондација на семејството Дурант“ (Durant Family Foundation) не заостанува со хуманитарната и добротворна активност. Од донирање милиони за реновирање на јавни кошаркарски терени низ САД, до делегирање средношколски и колеџ стипендии за поддршка на деца од семејства со мали приходи, фондацијата Дурант несебично учествува и во изградба на домови за бездомниците, проекти за промоција на социјална правда, за помош на семејства загрозени од временски непогоди…
Јанис Адетокумбо, како дете на сиромашни имигранти во Атина, никогаш не заборавил што значи да се бориш за успех во животот. Неговата семејна фондација „Чарлс Адетокумбо“ (Charles Antetokoumpo Family Foundation), именувана по неговиот покоен татко, работи на обезбедување помош како во неговата родна Грција, така и во земјата на неговите родители – Нигерија, но и во САД, нудејќи помош и поддршка за најзагрозените – бегалците и сирачињата, како и за млади во екстремно неповолна социјална положба. Токму Јанис е најконкретен пример на движечкото мото на неговата фондација дека вложувањето во другите може да го отклучи потенцијалот во секоја личност без разлика каде започнала или со какви тешкотии се соочила.

Примарната добротворна активност на Лука Дончиќ е изразена преку „Фондацијата Лука Дончиќ“ (LDF), која се фокусира на подобрување на здравјето и благосостојбата на децата преку игра. Фондацијата има за цел да им обезбеди на децата можности за терапија со игра, пристап до простори за игра и учество во активности базирани на игра. За таа цел преку фондацијата се изградени голем број кошаркарски и забавни терени низ цела Словенија и во Калифорнија. Фондацијата има седиште во Љубљана и во Лос Анџелес. Само во текот на оваа година, Дончиќ додели 5 милиони долари наменети за поддршка и стипендирање на младите спортисти на возраст од 12 до 15 години. Во февруари 2025 година, фондацијата донираше 500.000 долари за помош во напорите за закрепнување по пожарите во Лос Анџелес, а претходно истата сума ја додели на загрозените подрачја од поплавите во Словенија.

Никола Јокиќ нема своја фондација која ги менаџира неговите хуманитарни активности, но не заостанува нималку во оваа сфера. Иако самиот на никој начин не ја промовира оваа страна на неговиот карактер, едноставно не може ниту да сокрие дека на пример лани целиот свој бонус од 7,3 милиони долари го донираше за згрижување на бездомници во Колорадо. Во Сомбор имаше значајна донација за болницата „Радивој Симоновиќ“, донација која на негово барање не беше објавена во бројки.

Всушност, добротворната работа е непишно правило за секоја НБА суперѕвезда. Кајри Ирвинг финансираше изградба на домови за сиромашни семејства во Пакистан. Расел Вестбрук се фокусираше на претприемнички програми за млади од градовите во внатрешноста со цел да бидат финансиски писмени и идни квалитетни менаџери.
Ова не се еднократни донации или фондации наменети за фотографирање и ПР. Ова се сериозни, структурирани и долгорочни обврски што продолжуваат долго по последниот свиреж во кариерите на НБА играчите. Меѓу оние кои и натаму активно и служат на заедницата се и Мајкл Џордан, кој неодамна донира цели 17 милиони долари во опрема на крило од болницата во неговиот роден град Вилмингтон во Северна Каролина, Дирк Новицки кој донира во истражувања и борба против канцер, По Гасол кој е постојан донатор на УНИЦЕФ, Дикембе Мутомбо кој изгради повеќе болници и училишта во родното Конго, Кармело Ентони кој поддржува фондација за помош при катастрофи и за развој на младите низ повеќе земји во Азија, Двејн Вејд, Тим Данкан, Меџик Џонсон, Карим Абдил Џабар, Амари Стадемаер…

Самата НБА, како лига, ги охрабрува и засилува овие напори. Преку иницијативата NBA Cares, се создаваат партнерства со глобални организации како УНИЦЕФ, Boys & Girls Clubs of America и Специјалната Олимпијада. Но, играчите се тие што внесуваат срце во тоа и кои ја персонализираат мисијата со свои приказни, страст и посветеност.
Статистиката, МВП наградите и шампионските прстени секако го дефинираат наследството на секој кошаркар од спортски аспект, но ова е една друга табела со достигнувања и резултати што е исто толку важна. Таа го содржи бројот на доделени стипендии, послужени оброци, изградени училишта, променети животи. И на таа табела, НБА и нејзините кошаркари остваруваат шампионски бројки.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ