петок, 15 ноември 2024
Би-би-си

Кои се Хутите и зошто напаѓаат бродови во Црвено Море?

САД и Велика Британија извршија големи воздушни напади врз цели во Јемен поради нападите на Хутите врз товарни бродови во Црвено Море.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хутите се бунтовничка група поддржана од Иран, која контролира голем дел од Јемен. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека американската и британската армија со поддршка на Австралија, Бахреин, Канада и Холандија рано утринава извршиле напади врз областите под контрола на Хутите, пишува Би-би-си.

Беа погодени повеќе од 12 локации, вклучително и главниот град Сана и Ходеида, црвеноморското пристанишно упориште на Хутите. Меѓу метите имаше логистички центри, системи за противвоздушна одбрана и магацини за оружје.
Зошто Хутите напаѓаа бродови во Црвено Море?

Нападите на Хутите почнаа откако почна конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври. Хутите изјавија дека го поддржуваат Хамас и рекоа дека ќе го гаѓаат секој брод што патува кон Израел.

Во ноември запленија, како што рекоа, израелски товарен брод, а потоа со беспилотни летала и балистички ракети нападнаа неколку комерцијални брода. Нивните напади во Црвено Море се зголемија за 500 отсто меѓу ноември и декември. Тие станаа толкава закана што големите бродски компании престанаа да работат во регионот.

Речиси 15 отсто од глобалната поморска трговија минува низ Црвено Море, кое е поврзано со Медитеранот преку Суецкиот канал и претставува најкратката поморска рута меѓу Европа и Азија. Големите бродоградители, вклучително и Медитеранеан шипинг компани, Маерск, Хапаг-Лојд и нафтената компанија БП, рекоа дека ги пренасочуваат бродовите подалеку од Црвено Море. Затоа, на меѓународните пазари се појави страв дека цените на горивата ќе пораснат и синџирите на снабдување ќе бидат нарушени.

Вашингтон го обвини Иран дека е вклучен во планирањето операции против комерцијалните бродови во Црвено Море.

Кои се Хутите?

Хутите се вооружена група од потсекта на јеменското шиитско муслиманско малцинство, заидите. Името го добиле по основачот на движењето, Хусеин ал Хути. Групата беше формирана во 1990-тите и се бореше против, како што веруваа, корупцијата на тогашниот претседател Али Абдула Салех.

Фото: ЕПА

Претседателот Салех, поддржан од армијата на Саудиска Арабија, се обиде да ги елиминира Хутите во 2003 година, но безуспешно.

Хутите водат граѓанска војна против јеменската влада од 2014 година. Владата во борбата против Хутите беше поддржана од коалиција на арапски земји предводена од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Според ОН, до почетокот на 2022 година, војната предизвикала околу 377.000 мртви и четири милиони раселени луѓе.

Хутите, заедно со Хамас и Хезболах, се декларираат како дел од „оската на отпор“ против Израел, САД и поширокиот Запад, предводена од Иран.

Кој ги поддржува Хутите?

Бунтовничката група Хути го следи примерот на шиитската вооружена група во Либан, Хезболах.

Хезболах им дава огромна воена обука и тренинг од 2014 година, според американскиот истражувачки институт Центар за борба против тероризмот. Хутите го сметаат и Иран за сојузник, бидејќи Саудиска Арабија им е заеднички непријател. Постои сомнеж дека Иран ги снабдува Хутите со оружје и им дава важни разузнавачки информации, кои им овозможуваат да напаѓаат бродови во Црвено Море.

„Знаеме дека Иран е длабоко вклучен во планирањето операции против комерцијалните пловила во Црвено Море“, рече портпаролката на Белата куќа за национална безбедност, Адриен Вотсон. „Ова е доследно на долгорочната материјална поддршка на Иран и охрабрувањето на дестабилизирачките акции на Хутите во регионот“.

Иран негира дека е вмешан во нападите во Црвено Море.

Фото: ЕПА

САД и Саудиска Арабија велат дека Иран ги доставил балистичките ракети што Хутите ги истрелаа кон главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, во 2017 година, но кои беа соборени.

Саудиска Арабија го обвини Иран и дека ги снабдил крстосувачките ракети и беспилотните летала што Хутите ги користеа за да ги нападнат саудиските нафтени инсталации во 2019 година.

Хутите истрелаа десетици илјади проектили со краток дострел во Саудиска Арабија, а нападнаа и цели во ОАЕ. Истрелаа и балистички ракети и беспилотни летала кон Израел од почетокот на војната во Газа.

Во случај Иран да ги снабдува со оружје, тоа би значело дека го прекршил ембаргото за оружје на ОН. Иран го негираше ова.

Колкав дел од Јемен е под контрола на Хутите?

Официјалната влада на Јемен е Претседателскиот лидерски совет, на кој претседателот Абдрабух Мансур Хади му ги префрли своите овластувања во април 2022 година. Сепак, седиштето на владата е во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, откако Хади побегна таму во 2015 година.

Поголем дел од јеменското население живее во области под контрола на Хутите. Покрај Сана и северниот дел на Јемен, Хутите го контролираат и брегот на Црвено Море.

Групата собира даноци, а печати и пари.

Советот за безбедност на ОН наведува дека до 2010 година Хутите имале меѓу 100.000 и 120.000 следбеници, и вооружени војници и невооружени поддржувачи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ