четврток, 12 декември 2024

Коцевски: Состојбата во обвинителствата е алармантна

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска во Собранието се обрати пред пратениците , членови на собраниската Комисија за финансирање и буџет на почетокот од расправата по однос на Предлог- Буџетот за следната 2025 година. Тој меѓудругото кажа дека финансиската ситуација во обвинителствата е алармантна. За следната 2025 година се предвидуваат 0,2 отсто од државниот буџет, иако според закон, правосудството не смее да има помалку од 0,8 отсто од буџетот.

 

Објавено на

часот

Сподели

Вака како што е предложен буџетот за 2025 година, повторно е најнизок од сите обвинителства во регионот. И според процент од вкупниот буџет што се издвојува, но и според вкупен обем на издвоените средства. Без доволно средства, не може да се зборува за реална поддршка на системот за ефикасна правда, рече Коцевски пред пратениците.

Тој кажа дека им треба екипирање како на судските функции така и со специјализирани обвинители, финансиски експерти и дигитални форензичари. Тој исто така побара и измени на законите со кои ќе се регулираат платите на судиите и обвинителите. Тој повтори дека им се оптребни и целосно оперативни истражни центри во јавните обвинителства, со фиксно определен буџет за нивните потреби како конкретен мерлив чекор.

„Ова не се некои желби на Јавното обвинителство, туку само дел од задачите кои земјава ги презела како дел од Реформската агенда со цел да го оствари Планот на ЕУ за раст на Западниот Балкан. Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации на овие реформи. Тоа и го направивме. Но, за сите овие реформи што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година. Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ на буџетот за обвинителството во висина од 0.4 отсто од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2 отсто, половина од законскиот минимум“, рече Коцевски.

Поради недостиг на финансии, но и одредени законски слабости, одливот на кадар од обвинителството е огромен, како по основ на пензионирање, така и по други основи, реферираше Коцевски.

„И меѓу јавните обвинители каде од предвидените 260 јавнообвинителски места пополнети се само 170, но и кај јавнообвинителската служба во која од систематизирани околу 1.000 работни места, пополнети се околу 360. Практично работиме со една третина од потребните капацитети во службата која е поддршка на обвинителите, како и со над 30 отсто помалку обвинители од оние кои ни се предвидени како минимум за ефикасност. Тоа се наведува и во Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа, каде пишува дека со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители ние сме далеку под европскиот просек од 12,2. За жал, континуираниот одлив на кадри не сме во можност да го надоместиме затоа што веќе сме известени дека и за следната 2025 година на обвинителството нема да му биде одобрено ниту едно вработување“, кажа Коцевски.

Во поглед на техничката екипираност, државниот обвинител кажа дека се соочуваат со застарена опрема, за чија замена повторно не се предвидени доволно пари.

2Со Закон усвоен од ова Собрание во обвинителството е формирана Канцеларија за одземен имот (АРО канцеларија) за чие функционирање не се доделени дополнителни средства. Повторно, според обврските од реформската агенда, оваа канцеларија во следните две години ќе мора да стане целосно екипирана и функционална, а средства во буџетот за таа намена нема. Не се предвидени доволно финансии ниту за упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда. Во исто време, континуирано растат трошоците за експертизи и вештачења од одредени области кои што се изведуваат по наредба исклучиво на јавниот обвинител согласно раководната улога на јавниот обвинител во предистражната и истражната постапка. Недостигаат средства и за навистина основни потреби – тековно одржување и поправка на објектите, возила за вршење увидни дејствија и нивно одржување… За активности за јакнење на транспарентноста, за службени патувања, за јакнење на контактите со останатите обвинителства во регионот и пошироко, а со единствена цел да се овозможи ефикасен кривичен прогон и меѓународна соработка во кривичните постапки, речиси и да нема предвидени средства за 2025 година или тие се минимални“, рече Коцевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ