среда, 11 декември 2024
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Коби Брајант: стремеж кон совршенство

Покојниот Коби Брајант беше многу повеќе од кошаркар. Tој израсна во симбол на непоколеблива решителност, неспоредлива работна етика и стремеж кон извонредност како во кошарката, така и во сите аспекти на животот. Преку неколку вистинити приказни и случки од неговиот живот и кариера, ќе се oсвренеме на моментите што го дефинираа легендарниот лик и големината на Коби.
  1. Посветеност

Стремежот на Коби кон кошаркарско совршенство можеби најдобро се отсликува во неговите тренинзи во 4 часот наутро. Во 2008 година, по собирот на првиот ден од тренинг кампот на олимпискиот тим на САД во Лас Вегас, сите репрезентативци првата вечер jа поминаа на луд провод во ексклузивниот ноќен клуб Tryst во хотелот Wynn, танцувајќи и пиејќи до раните утрински часови. Прибирајќи се во 4 часот наутро во лобито од хотелот го среќаваат Коби со торба и спортска опрема како пие кафе пред да замине во сала на тренинг. Брајант со своите 29 години во 2008 година, како најголема ѕвезда, но и капитен на тимот оди на футинг, велосипед и лесни тегови, за од 6 часот наутро да му се придружи помошниот тренер Мајк Д’Антони и да му асистира во индивидуален шутерски тренинг и на крајот, од 8 часот да има заеднички тренинг со сите други. ЛеБрон Џејмс, Двејн Вејд, Кармело Ентони, Џејсон Кид се фрапирани од глетката. Во наредните денови, прво ќе му се придружи ЛеБрон, па Вејд и до крајот на првата недела, како по некаков домино ефект, сите по примерот на Коби одат на индивидуален пред официјалниот тренинг со селекторот Мајк Крижевски.

Запрашан за причината за ваквиот аскетски распоред на тренинзи, Брајант одговори: „Сакам да бидам подобар од сите други, јас сум волкот предводник и подготвен сум да тренирам понапорно и повеќе од сите и да ги натерам да ме следат со пример“. Тоа што уште повеќе фасцинира е фактот дека со вакви тренинзи Коби Брајант започнал уште во своите средношколски денови, како тинејџер, а статусот на ѕвезда и еден од најдобрите кошаркари во лигата, не го изменил неговиот пристап кон обврските и неговиот карактер.

  1. 81 кош

На 22 јануари 2006 година, Коби одигра еден од најневеројатните натпревари во историјата на НБА, постигнувајќи 81 поен против Торонто Репторс. Статисткиката за неговата игра е фасцинантна: за 42 минути 61% шут од игра 28 од 46, од кои 7 тројки од 13 обиди и 90% прецизни слободни фрлања 18 од 20. Уште и 6 скокови, 3 освоени топки, 2 асистенции и 1 блокада! Дури 55 поени постигнати во второто полувреме кога се решава натпреварот. Само 4 помалку од Вилт Чемрлен кој постигна 59 на натпреварот на кој реализира рекордни 100 поени. Во третата четвртина кога Лејкерси губеа со 18 разлика, Коби постигна 27 поени и на тимот му донесе предност од 6 поени, а во последната реализира поен повеќе, 28! На крајот Лејкерси победија со оние 18 разлика што Торонто ги имаше во третиот дел. Овие бројки се недостижни за другите НБА ѕвезди дури и за време на тренинг натпревари. 18-иљадната публика во текот на целиот финиш на натпреварот му скандираше МВП. Но, за жал иако сезоната ја заврши како најдобар стрелец во лигата со фантастичен просек од 35,4 поени по натпревар, сепак не беше програсен за МВП и трофејот му беше доделен на Стив Неш. Карактеристична и сликовита е изјавата на Пол Пирс, кој во еден момент ги прашал другарите со кои го гледале натпреварот на телевизија дали му пуштиле видео игра да се шегуваат со него или ова што го гледа е вистина.

Она што реално го отсликува неговиот карактер како кошаркар, спортист и личност, не е само бројот на поени во натпреварот, туку и неговиот ласерски фокус на играта и резултатот за време на натпреварот, а поттикнат од гладта за победа по два пораза едноподруго, но и фрустрацијата поради перформансите на соиграчите во претходните натпревари. Решителност, ако треба и сам да ги победи 5-мината противнички играчи на теренот. По натпреварот изјави дека сите поени биле резултат на автоматизмот во неговата игра како последица на секојдневната работа за усовршување на индивудуалните квалитети.

  1. Храброст

Во април 2013 година, за време на клучниот натпревар против Голден Стејт Вориорс за пласман во плеј-офот, Коби ја скина својата Ахилова тетива – катастрофална повреда за секој спортист. Повеќето играчи веднаш би го напуштиле теренот на носилка или барем на раце на лекарите и соиграчите. Наместо тоа, Коби дојде до линијата за слободни фрлања, ги уфрли двата клучни шута со кои го израмни резултатот на 109:109, а потоа сам, на свои нозе излезе од теренот. Лејкерси инспирирани од својот капитен на крајот излегоа како победници од средбата. Вољата за успех и победа беше посилна и од физичката болка и од стравот за судбината на неговата кариера со оглед на сериозната повреда. Ова се случи по цели 48 минути минати на теренот, на негови 34 години и 17-та сезона во НБА лигата, со веќе освени 5 НБА титули и со ореол на еден од најдобрите играчи во историјата на лигата. На сите што го гледаа натпреварот во живо или на телевизија Коби им ја презентира својата цврстина и решителност, како пример за својот нескршлив карактер и единствен „Мамба менталитет“.

  1. Филантропија

Коби Брајант беше максимално вклучен во добротворните активности и филантропијата, а голем дел од овие активности го спроведуваше тивко без да бара публицитет. Многу често, самоиницијативно ги посетуваше децата кои се бореа со неизлечиви болест и ги плаќаше нивните болнички сметки. Еден од тие примери е девојчето по име Ели, кое имаше голема желба да се сретне со него. Во 2007 година тој ја исполни нејзината желба и беше во постојан контакт со нејзиното семејство нудејќи им утеха и финансиска поддршка, дури и по нејзината смрт. Приказните како овие излегоа на виделина дури по неговата смрт, откривајќи ја длабочината на неговото сочувство.

Како активен член на Stand Up to Cancer фондацијата, Брајант помогна да се соберат повеќе од 81 милион долари за истражување на ракот. Беше и еден од најактивните учесници во Make-a-Wish America фондацијата која им ги исполнува желбите на критично болните деца низ целата држава. Коби Брајант преку 100 пати ја исполнил желбата на овие деца да го видат и да поразговараат со него и на секое од нив му донел и подарок.

Во 2006 година, на свои 28 години, Брајант и неговата сопруга Ванеса ја основаа Фондацијата на семејството Коби и Ванеса Брајант (KVBFF) посветена на подобрување на животот на младите и семејствата на кои им е потребна помош и поттикнување на младите кон здрав живот преку активно спортување. KVBFF целосно ја финансираше спортската академија „Мамба“ во Оринџ Каунти низ кој поминаа преку 50.000 деца тренирајќи и учејќи се на животни вештини.

Во 2009-та го основа „Коби Брајант кинески фонд“ преку кој собра над 6 милиони долари за сиромашните семејства од кинеско потекло. Финансиски го помогна и основањето на националниот музеј на Афро-Американска историја и култура. Коби беше иницијатор и на собирањето средства за помош при катастрофи, вклучително и за помош на жртвите од земјотресот на Хаити во 2010 година. Неговата активност во добротворни цели ја рефлектираше истата онаа немилосрдна посветеност што ја покажа на кошаркарскиот терен, а со тоа остави трајно наследство врз заедниците, но и поединци во Америка.

  1. Бизнис империја

Посветеноста за успех во сѐ што работи се преслика и надвор од  кошарката. Неговите бизнис чекори и одлуки го исцртаа неговиот интелект и креативност, но и талент за претприемачка активност.

Во 2013 година, Коби ја основаше компанијата Bryant Stibel & Co. заедно со инвеститорот Џеф Стибел. Фирмата се фокусираше на инвестиции во технологија, медиуми и менаџмент на податоци, откупувајќи удели во компании како Alibaba, Dell и The Players’ Tribune. До моментот на неговата смрт, Bryant Stibel & Co. оствари пазарна вредност од над 2 милијарди долари. Оваа компанија најсликовито ги презентира деловните инстинкти на Коби. Една од најзначајните инвестиции на Коби беше во BodyArmor, компанија за спортски пијалоци. Тој во 2014 година за 6 милиони долари купи 10% од акциите на компанијата, за во 2021 година Coca-Cola да го откупи мнозинскиот удел во BodyArmor, вреднувајќи го уделот на Коби на околу 400 милиони долари.

Во 2016 година, Брајант го лансираше Granity Studios, мултимедијална продукциска компанија фокусирана на деца и адолесценти. Оваа компанија го продуцираше филмот „Dear Basketball“, кој беше награден и со Оскар во својата конкуренција на куси филмови. Коби беше и долгогодишен постојан партнер со светски брендови како што е Најк и Мекдоналдс, зацврстувајќи го својот статус на спортска икона што максимално ја зголемува продажбата на се што рекламира. На бизнисот му пристапи со истата дисциплина што ја донесе во кошарката, со желба да остави свој траг и да го докаже својот карактер. Деловната империја на Коби Брајант не беше само богатство, туку и наследство. Неговите бизнис потфати го одразуваа неговото верување во напорна работа, креативност и инспирација за следната генерација. Од инвестирање во стартапи, преку партнерства со афирмирани компании до создавање на креативна уметност, Коби докажа дека посветеноста секогаш носи резултати не познава граници.

  1. Лекции од животот

Животот и кариерата на Коби Брајант беа исполнети со моменти кои ја покажаа неговата посветеност, страст и хуманост. Неговитe достигнувања се трансформираа во наследство што ја надминува кошарката. Според негови зборови: „Најважно е да се обидете да ги инспирирате луѓето да се реализираат и да бидат одлични во што и да прават“. Овие аспекти од неговиот живот се увид во карактерот и големината на човекот што ќе остане запаметен како еден од најголемите што некогаш стапнале на кошаркарскиот терен, човекот кој ја надмина својата улога на спортист, оставајќи зад себе лекции за решителност во исполнувањето на своите идеали и потенцијали, но и за емпатија, човечност и несебичност – легенда чие влијание ќе трае со генерации што доаѓаат.

Коби Брајат низ бројки:

20 НБА сезони, 1.346 натпревари: 25 ппн, 5.2 спн, 4.7 апн

5 х НБА шампион, 2 х НБА финале МВП, 1 х НБА МВП, 18 х НБА Ол Стар,

4 х НБА Ол Стар МВП,  11 х НБА Прв Тим, 9 х НБА Дефанзивна петорка,

2 х НБА најефкасен играч, 2 х Олимписки шампион.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе победи на избори? Прашај го ЧетГПТ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Славој Жижек

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

Александар Стојановски

Регистар за двојни стандарди

Рајко Пеколски

Надворешни работи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ