Апелот дојде откако официјален Брисел го коментираше инцидентот што се случи изминатиот викенд меѓу бродовите на кинеската и филипинската крајбрежна стража.
Во соопштението на кинеската мисија во ЕУ се наведува дека Кина е „многу незадоволна од обвинувањата“ на Европската унија на оваа тема, пренесува Ројтерс.
„Европската унија не е заинтересирана страна за прашањето за Јужното Кинеско Море и нема право да покажува со прст кога станува збор за тоа прашање“, се вели во соопштението.
Се посочува и дека „новото преувеличување“ на прашањето за слободата на пловидбата „не е од корист за интересите и меѓународниот кредибилитет на ЕУ“.
Кина и Филипините се обвинија меѓусебно во саботата за намерно провоцирање на инциденти со бродовите на крајбрежната стража во спорните води на Јужното Кинеско Море, што е последен во серијата слични инциденти.
Судирот кај гребенот Сабина шол беше петти поморски инцидент во изминатиот месец во долгогодишното ривалство околу виталниот воден пат во Јужното Кинеско Море.
Во соопштението во неделата, ЕУ ги осуди „опасните дејствија на бродовите на кинеската крајбрежна стража против легитимните филипински поморски операции“.
Во соопштението на ЕУ се наведува дека неодамнешните инциденти меѓу кинеските и филипинските бродови „ја загрозуваат безбедноста на животот на море и го нарушуваат правото на слободна пловидба и прелет, на што имаат право сите нации според меѓународните прописи“.