Покрај за зголемување на енергетската ефикасност, новата соларна централа овозможува и намалување на емисиите на C0₂ за 600 тони годишно. Инаку, во новата соларна централа се вградени 1.100 најсовремени фотоволтаични панели, распоредени на површина од 4500 m².
„Оваа инвестиција во обновлив извор на енергија е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој. Новата соларна централа овозможува оптимизација на производните трошоци, со што се зголемува нашата целокупна конкурентност, но истовремено се придонесува и за заштита на животната средина, правејќи ги инвестициите од ваков тип особено значајни. И во иднина ќе продолжиме со интензивните вложувања кои треба да креираат дополнителна вредност за нашата компанија, за групацијата на која ѝ припаѓаме, на нашите вработени и секако за локалната заедница и целокупната домашна економија“, изјави Франческо Татоли, заменик директор на КЕМЕТ електроникс Македонија.
КЕМЕТ електроникс Македонија започна со работа во 2012 година, а главната дејност на компанијата е производство на електрични кондензатори и други делови кои се применуваат во повеќе индустрии. Во изминатите 12 години во развојот на компанијата се инвестирани над 40 милиони евра, а целокупното нејзино производство се извезува. Во моментов во КЕМЕТ електроникс Македонија се вработени над 500 лица, а според инвестицискиот план на компанијата, нивниот број и понатаму ќе се зголемува.
Од 2020 година КЕМЕТ електроникс Македонија е дел од ЈАГЕО, водечка глобална корпорација за електронски компоненти, со производни капацитети во Европа, Азија и Америка. Производственото портфолио на корпорацијата го сочинуваат: кондензатори, индуктори, трансформатори, релеи, антени, безжични и други компоненти, а моментално е рангирана како број 1 производител на чип-отпорници и танталови кондензатори во светот. Корпорацијата вработува над 40.000 лица, а во нејзини рамки делуваат и 20 центри за истражување и развој кои во континуитет работат на развој на иновации и унапредување на технологиите и производите.