Секој, независно од потеклото или околностите, треба да има пристап до здравствена заштита без да доживува финансиски тешкотии, а позитивната листа е клучна за постигнување универзална здравствена покриеност, бидејќи ја олеснува превенцијата на болестите, рече таа.
„Јасно ми е дека повеќе од една деценија нередовното ажурирање на позитивната листа го попречува вклучувањето на веќе воспоставените, но и нови терапии кои станаа стандардни во клиничката пракса на други места што се достапни во многу други земји во европскиот регион. Ова секако влијае врз луѓето и резултира со трошоци. Јасни ми се и предизвиците со кои се соочувате во ажурирањето на позитивната листа и дека тие вклучуваат долги процеси, како и недоволно финансирање за лекови. Потребите и барањата секогаш ги надминуваат ресурсите што ни се достапни. Но, сепак, има работи што можеме да ги направиме, како градење капацитет за проценки на здравствената технологија и потреба од стратешка ревизија на политиките за цени и надоместоци. Тука, во секоја мала земја, често се јавува и значајниот јаз во експертизата. Некогаш не сме во предност зашто треба да седиме на маса и да преговараме со мултинационални фармацевтски компании кои имаат мошне голема експертиза во нивниот профил, особено кога станува збор за новите скапи лекови. Оваа симетрија често води до тоа малите земји да не можат да преговараат ефективно и да имаат ефективни договори“, истакна Мускат на работилницата за проширување на позитивната листа лекови.
Според неа, некогаш, со немањето пристап до лекови доволно брзо, потребни се многу поскапи интервенции, особено во однос на коморбидитетот. Тие не може да се избегнат, но може да се спречат.
„Денес премногу семејства ширум целиот регион се борат да врзат крај со крај и мора да изберат помеѓу плаќања на трошоците за здравствена заштита или за храна и основни потреби. Ова не е ситуација со која се соочува само вашата земја. Зголемената инфлација, прекините на синџирите на снабдување и лекови само ги влошија работите. Повторно кога нема лекови помалите пазари се оние што се соочуваат со тешки проблеми кога станува збор за пристап до нив по достапни цени. Иако системите за здравствена заштита во малите земји се многу различни, тие ги делат истите политички предизвици. И ние во СЗО ги препознаваме овие предизвици и сме тука за вас. Тука сме да ве поддржиме со техничка помош и меѓународна соработка“, порача Мускат.
Таа подвлече дека без прифатлив пристап до безбедни и квалитетни медицински производи, постигнувањето добро здравје и универзална здравствена покриенсотст, ќе остане само далечен сон.
Претставникот на СЗО за Северна Македонија, Аким Али најави дека следните неколку месеци ќе се креира систематски процес за ревидирање на позитивната листа во Северна Македонија. Како што напомена, неопходноста од пристап до лекови кои нема да предизвикуваат финсиски проблем за граѓаните е клучен проблем на кој мора да се работи.
„Го отвораме патот за многу силна амбиција, важна за сите во Северна Македонија – пристапот до безбедни, корисни и иновативни лекови. Мора да направиме избор кои лекови ќе бидат лиценцирани, од каде ќе ги купиме, од кого и по која цена. Иако има извезен напредок, ни претстои многу работа. Ова патување почнува денеска, но не завршува денес. Треба да се создаде систематски и институцијализиран процес што ќе биде безбеден, транспарентен и кој ќе одговори на потребите на граѓаните. Ќе стоиме покрај вас додека минувате низ овој предизвикувачки процес, додека не се задоволлат потребите на населението“, рече Али и ја поздрави заложбата на македонските власти за ревидирање на позитивната листа на лекови.
Претходно, во обраќањата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари порачаа дека секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни за квалитетен живот. Тие најавија проширување на позитивната листа и оценија дека мора јасно и транспарентно да се посочат предизвиците со кои се соочуваат институциите. Следниот клучен чекор, според нив, е оптимизирање на финансирањето за проширување на позитивната листа.
„Пристапот до квалитетни лекови не е само приоритет, туку основна владина определба за заштита на граѓаните и поздрава иднина. Мора да се зајакне соработката меѓу сите институции од областа на здравството. Заедничкото делување ќе донесе одржливи решенија“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека неговиот состав на Влада постигна значајна пресвртница со проширувањето на Позитивната листа на лекови по пауза од повеќе од десет години.
„Ова е доказ за нашата посветеност и проактивен пристап и желба за континуитет во справувањето со еден од најитните предизвици во нашиот здравствен систем“, рече Мицкоски.
Таравари вети дека Владата ќе го подобри пристапот до квалитетни лекови и тоа го реализира.
„Веќе од 16 септември пациентите можат тие девет нови лекови да ги земаат во аптека бесплатно. Ние подготвуваме платформа заедно со СЗО која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така, препораки ќе имаме од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата. Ние би сакале сето тоа проширување на позитивната листа да биде што потранспарентно и што посеопфатна, тоа што најмногу им треба на граѓаните со што би ги намалиле, што помалку трошоците на нашите пациенти и граѓани“, рече Таравари.
Тој истакна дека не може да вети дека во наредниот период на оваа позитивна листа ќе се најдат уште 10 лекови, но како што додаде, гарантира дека на секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус еден, два или три лека.
„Проблемот е стар, оследната позитивна листа е од 2009 година, во 2014 година само еден лек е надополнет, а сега имаме девет лекови за 50 дена. Јас се надевам дека по Нова година ќе имаме проширување на листата. Велам многу сум среќен што наши партнери се претставниците од СЗО, ќе се обидеме да се придржуваме на платформата и на препораките што ни ги даваат“, рече Таравари.
Тој ги повика сите заинтересирани фармацевтски фирми, производители да конкурираат и да бидат активни со сугестии.