Ова беа дел од пораките изнесени денеска на промоцијата на овој каталог, чиешто издавање е овозможено од Министерството за култура и туризам. Каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ произлегува од стогодишното постоење на Археолошкиот музеј.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во своето обраќање денеска за време на промоцијата посочи дека каталогот е еден вид признание за посветеноста на музејските работници, но и за трудот на генерациите истражувачи, археолози и на сите оние што биле дел од оваа институција и вложиле труд во нејзиното создавање и развој.
„Издавањето на каталогот произлегува од стогодишното постоење на Археолошкиот музеј, кој со својата дејност и развиток од основањето во 1924 година, па сè до денес, несебично придонесува во истражувањето, заштитата, чувањето и презентирањето на нашето богато културно наследство. Ова вредно двојазично издание со над 150 богато илустрирани страници нè води на едно несекојдневно патување низ вековите, откривајќи важни моменти од праисторијата до античката и средновековната историја и култура на овие простори. Во него се претставени 100 артефакти што се дел од богатиот фундус на музејот, кои овозмуваат да се оствари непосредна комуникација и увид во структурата на музејот, поточно во сите негови збирки за денес да го воспримаме како ‘нашиот Лувр“ “, рече Љутков.
Како што напомена, богатството на Археолошкиот музеј се неговите збирки, а ги има 18, со над 100 илјади археолошки предмети, најголемиот дел собрани со истражувачката активност во рамките на реализираните археолошки проекти на територијата на целата држава.
Како што додаде, тој фонд на археолошки предмети и тие збирки постојано се збогатуваат со реализирањето на секој археолошки проект што Министерството за култура и туризам го финансирал во минатото, а продолжува тоа да го прави и во иднина.
„Како земја со значајни културни вредности, Македонија денес несомнено е силен предизвик за туристичките движења. Токму затоа, реализацијата на еден ваков проект ќе придонесе пред домашните и странските посетители да биде претставено богатото културно наследство. Верувам дека каталотот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ ќе успее со својата мисија и ќе биде предизвик за посета на Археолошкиот музеј, затоа што богатството на неговите збирки и неговата постојана музејска поставка го заслужуваат тоа“, рече Љутков.
Директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова во своето обраќање на промоцијата рече дека каталотот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ не е само збирка на артефакти, туку е сведоштво за генерации истражувачи, кои со страст и посветеност се занимавале со археолошката професија, за да ја извлечат историјата на виделина.
„Денеска прославуваме труд, знаење, љубопитност и истрајност. Тоа се работите кои ја движат археологијата и музејската работа напред. Каталогот е сведоштво за работа на кустосите кои ги проучувале овие предмети, но и признание за конзерваторите, кои со своите вешти раце ги сочувале за иднината. Во време кога светот се менува со неверојатна брзина, кога кризите, било економски, еколошки или културни, нè потсетуваат на сопствената кревкост, токму културното наследство е тоа што нè зацврствува. Ни покажува дека сме дел од една поголема приказна, дека пред нас имало генерации кои се соочувале со предизвици, но оставиле нешто вредно зад себе“, додаде Манаскова.
Промотор на изданието, професорот Драги Митревски рече дека каталогот „Сто предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ луѓето треба да го доживуваат како огледало на Музејот.
„Насловот на каталогот некому може да му сугерира дека се работи за сто најексклузивни предмети, најдоброто што се наоѓа во музејот, но не е така. Тоа не е целта на оваа книга. Тоа што е во оваа книга, со спортски речник кажано, е можеби третата поставка што ја има музејот. Но, целта е да се презентира, да се претстави музејот, да ни каже со каква институција си имаме работа. Што може да видиме, што може да научиме, ако отидеме во Археолошкиот музеј“, рече Митревски во своето обраќање на промоцијата.
Тој додаде дека во каталогот можеме да ги видиме сите вредности кои се создавале на овој простор, преку вредни, помалку вредни и највредни предмети, за да може да се знае за каква институција станува збор.
„Нека не ве изненади ако внатре видите и предмети кои не се нешто посебно, но секој археолошки предмет носи порака од минатото, носи нешто што треба археолозите да го прочитаат. Некои имаат само историска вредност, но немаат естетска вредност, некои имаат естетска вредност, но немаат историска вредност. Има предмети кои ги имаат сите овие вредности заедно. Предметите треба да ни кажат со што си имаме работа и туристите тоа треба да го видат уште при првиот контакт со оваа институција. Тие ќе видат дека се работи за институција која се градела сто години. Ќе видат дека се работи за голем Музеј, кој успеал за тие сто години да создаде збирки од сите периоди на минатото, од најстарото суштествување на човекот на овој простор, до денес“, додаде Митревски.
Како што посочи, преку предметите во овој каталог ќе осознаеме дека се работи за стручњаци кои знаеле да ги вреднуваат овие предмети и знаеле да ги постават на свое место и ќе знаеме дека во оваа институција не само што можеме да видиме, туку многу работи можеме и да научиме.
„Преку овие предмети ние гледаме дека во одреден период овој простор остварил неверојатна економска и културна моќ. Овој простор бил лидер и зрачел врз околните области. Благодарение на таа моќ и подем на металургијата и на културните вредности создавани во железното време, подоцна на оваа иста територија ќе се формира тоа што ние го знаеме како Античка Македонија, а подоцна со тие потенцијали и ресурси ќе може да се развие и Империја. Каталогот има голема историска и мисија и историска вредност“, рече Митревски.