сабота, 8 февруари 2025

Касами не попушта пред борците од НОБ и партиите за непреименување на улиците

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од денешниот брифинг заедно со директорите на претпријатијата и раководителите на сектори одговори на писмото на Сојузот на борци кои му порачаа да не се менуваат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите. Касами рече дека тоа е минато време и систем, а имињата на улиците ќе се рефлектираат согласно новиот демократски концепт. Освен борците од НОБ, на оваа идеја на Касами реагираа и партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека без консензус, промена на имињата не може да има и доколку се случи, како што рече, како претседател на Владата нема да разгледува таква точка.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Македонија до деведесеттите години беше под Југославија и беше нели комунистички систем, монистички систем каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава, а сега имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата. Тоа е европски демократски концепт и согласно тоа, тоа сигурно ќе рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово. Тоа не е против никоја етничка група во градот, а тоа е во интерес на сите етнички групи, но мора да рефлектира реалноста, сегашноста и тоа што ние сакаме да градиме во иднина“, истакна Касами.

Тој рече дека одредени имиња ќе останат, а иницијативата е насочена првично за евидентирање на улиците, а потоа именување. Била формирана комисија која ќе ја реализира целата оваа постапка за именување на улиците, а граѓаните ќе може да учествуваат со предлози. Според него во таа комисија членуваат претставници на сите советнички групи и надворешни експерти.

„Во таа комисија има и Албанци и Македонци, има и од позиција и од опозиција. Има и надворешни експерти кои ќе дадат свој придонес во целиот процес. Самата инцијатива не значи дека сите имиња кои постојат ќе бидат преименувани. Еден пример ќе дадам, не знам што е идентификација на Македонија и Тетово со името Кавказ. Во Тетово има улица Кавкаска и не знам што сакаме да покажеме со тоа име на улица. Неколку примери има вакви со кои нема ништо заедничко ни Тетово ни Северна Македонија и тие улици сигурно ќе се преименуваат, но улиците на македонските херои кои се налик и на ова време сигурно дека ќе бидат земени предвид, и ако комисијата одлучи да останат, ќе останат“, истакна Касами.

Со оглед дека во Тетово дел од улиците се преименувани во 2007 година, но не се прифатени од централната власт, па има користење по две имиња, Касами вели тоа ќе се смени со нов закон. Според него, таа регулатива ќе овозможи да се користат имиња донесени од страна на општините и ќе има централен регистар.

Од Сојузот на борци сметаат дека Касами е во судир со Законот за определување имиња на улици и други инфраструктурни објекти според кој се што е спротивно на обичаите, јавниот морал, но и се што е спротивно на темелот на државноста, на највисокиот државен интерес е спротивно на тој закон.

„Оваа држава почива врз АСНОМ-ски темел и не може да зборуваме за остатоци на комунизам, напротив, туку за борба за создавање на современа македонска државност којашто е и тоа како темелно поврзана со историјата на нашиот град Тетово. Бидејќи оттука тргнува една нова ера македонска пролет во далечните, тогаш воени услови кога македонскиот народ после векови и векови стремежи за државност ги ефектуира во државотворни одлуки. Треба да му е срам за такво еклатантно непознавање на историјата. Таква желба да се задоволат ситни политички апетити, едно бандитско однесување коешто е без преседан“, истакна Даријан Сотировски, член на претседателството на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи.

Сојузот, додаде тој, ќе поведе институционална борба против иницијативата за преименување на улиците.

„Мислам дека градоначалникот влегува на многу лизгав терен, доколку продолжи да удира со глава во ѕид, сепак времињата носат и нови генерации и нови начини на легална борба низ институциите на системот. Но, некој да ни каже дека приоритетно прашање на оваа општина се имињата на улиците кога сме опколени со безброј проблеми поради отсуството на основно чувство за работа за граѓаните, е надвор од здрав разум“, рече Сотировски.

Инаку, пред неколку денови градоначалникот Биљал Касами го објави планот за промена на имињата на дури 300 улици, а Советот на Општина Тетово го изгласа предлогот за формирање комисија за промена на имињата на улиците. Касами рече дека има политички консензус за оваа комисија и додаде дека овојпат новите имиња ќе ги одобрат Министерството за транспорт и Катастар.

Касами рече дека на некои улици веќе им се дадени нови имиња и дека тоа комисијата ќе го има предвид, мислејќи притоа на улиците именувани според Владимир Илич-Ленин и Страшо Пинџур, како и дека некои улици го носат името на Јосип Броз Tито, 29 Ноември, Кирил Пејчинович, Благоја Тоска.

Недозволиво е градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој континуирано ја деградира Македонија, Македонците и земјата да ја прогласува за трета албанска држава, а да поминува неказнет, реагираа од Левица.

„Оваа практика претставува системско уништување на заедничката антифашистичка борба, која е темел на македонската државност, и инсталирање врховистичко-балистички елементи како дел од поширок обид за ревизионизам на македонскиот идентитет. За жал, овој чин е продолжение на веќе започнатиот процес на именување и преименување на скопските улици со имиња на балисти. Историјата на македонскиот народ не е средство за политички пазарења! Ги повикуваме советниците од ДПМНЕ, како и вториот човек во Општина Тетово, исто така од ДПМНЕ, веднаш да заземат став и акција против овие политики. Дополнително, бараме Владата предводена од ДПМНЕ да се спротивстави на етничкиот инженеринг и иредентистичките политики на нивниот коалициски партнер Вреди“, се наведува во реакцијата на Левица.

И советниците на СДСМ во Општина Тетово се против преименување на улиците на градот и побараа поддршка и од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Значењето на партизанската борба и нејзините идеали никој не смее да ја омаловажува, брише и пребришува. СДСМ како наследник и поддржувач на НОБ и антифашизмот се противстави на овие најави на Касами. Советниците на СДСМ ќе застанат силно против преименувањето на улиците. СДСМ јавно ги осудува намерите на Касами да создаде нови поделби, раздор меѓу граѓаните и етнички тензии. Националистичките сценарија на Касами се на штета на сите граѓани без разлика на етничка или партиска припадност“, изјави Андријана Томовска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Таа побара од премиерот Христијан Мицкиски, како коалициски партнер на Касами, јавно да го повика да се повлече од овој предлог. А советниците на ДПМНЕ исто така да се спротивстават и да застанат против оваа одлука.

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Тетово, велат дека тие како советничка група прифаќаат да дискутираат единствено за улиците кои немаат име, како и за улиците кои се евидентирани само со број, а притоа почитувајќи ја соодветната и правична застапеност на заедниците во Тетово.

„Прифаќаме да разговараме да се изготви предлог листа на имиња која би се доставила до Владата, но притоа во таа листа не смее да се најде ниту едно име со кое ќе се наруши угледот на Република Македонија, ќе се повредат националните чувства на граѓаните и ќе се нарушат меѓучовечките и меѓуетнички односи помеѓу заедниците кои живеат во Тетово. Дополнително, сакаме да потенцираме дека единствено по претходно добиена согласност од Владата, листата на имиња може да ја утврди Советот на општината. Определувањето име на улица може да се врши само со одлука донесена од советот на општината со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината. (Бадинтерово мнозинство)“, велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски денеска изјави дека без консензус, промена на имињата не може да има и доколку се случи, како што рече, како претседател на Владата нема да разгледува таква точка.

„Прво, не може да има промена на имиња без консензус. Тоа зависи од одлука на Влада. Доколку се донесе еднострана одлука, јас како претседател на Владата, таква точка нема да разгледувам“, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Мицкоски потенцира дека има коалициски договор во кој, како што рече, стои дека тие улици кои веќе имаат име да не се менуваат.

„Второ, има коалициски договор, колку што сум јас запознаен, а коалицискиот договор е дека сите оние улици коишто се без број или со број, да добијат имиња. А тие улици коишто веќе имаат име да не се менуваат. Тоа е коалицискиот договор. А имињата коишто ќе бидат предложени за оние улици коишто се без број и со број, треба да бидат прифатени, и да имаат коалициски компромис“, рече премиерот Мицкоски.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ