Како што соопштија од тимот на „Лице в лице“ , списанијата се натпреварувале во шест категории, најдобра насловница, најдобар напис, најдобра кампања, најдобра поддршка за продавачот, најдобар придонес од продавач, најдобра фотографија. „Лице в лице“ беше меѓу петте финалисти и во категоријата Најдобра насловна страница со насловница посветена на економското зајакнување на жените, дизајнирана од Ружица Мандичевска (Руки Чуки).
Оваа награда за најдобра кампања се доделува за иницијативи со значаен општествен импакт.
„Содржините кои беа креирани за кампањата беа посветени на разрешување на предизвикот на лицата без документи. Оваа награда ја посветуваме пред сè на Мемет, на Валентин, на сите наши продавачи кои се соочуваа/т со истиот предизвик, но и на секој активист што верува во социјалната правда. Додека ја славиме оваа победа, остануваме посветени на мисијата и благодарни за привилегијата да бидеме гласот на неслушнатите. Заедно, движиме кон позитивни општествени промени! Затоа што тоа е мисијата на „Лице в лице“!, пишува на официјалниот фејсбук профил на оваа невладина организација.
Кампања што ја започна „Лице в лице“ доби и значајна медиумска поддршка и соработка со здруженија кои обезбедуваа бесплатна правна помош. По долгите правни битки, проблемот остана нерешен сѐ до мај 2023 година, кога смртта на Мемет Камбер предизвика јавно негодување и засилени напори за застапување. Во јуни 2023 година, по овие напори, беше усвоена измена на Законот за матична евиденција, овозможувајќи им на лицата родени во земјата конечно да добијат лични документи.
Една година подоцна, повеќето продавачи ги добија своите документи, а земјата се приближи кон тоа да стане првата во Европа што ќе стави крај на бездржавјанството. Ова движење што го започна „Лице в лице“ на списанието му ја донесе и и државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права во декември 2023 година.
Пред оваа иницијатива, социјалните ментори беа ангажирани за да обезбедат поддршка на младите продавачи на „Лице в лице“, водејќи ги кон отворен пазар на труд и исполнување на нивното право на работа. Тоа вклучуваше шест месеци интензивна поддршка, со цел продавачите да најдат можности за вработување и да се интегрираат на пазарот на труд, притоа излегувајќи од системот на социјална зависност и станувајќи активни учесници способни да заработуваат за живот.
„Оваа награда претставува признание на посветеноста на ‘Лице в лице’ на социјалната правда и постојаните напори за поддршка на оние на кои им е најпотребна“, порачуваат од тимот на „Лице в лице“.