Тој вели дека негова цел е самите судии да го чувствуваат Судскиот совет како свој. Посочува дека има многу ниска доверба кај самите судии во Судскиот совет и затоа негова примарна цел ќе биде да успее да го доближи Судскиот совет до судиите.
„Мене тоа ми е една од најголемите желби, или цели што сакам да ги остварам – судиите да го чувствуваат Судскиот совет како свој, ова е нивна куќа. Судиите тука имаат мнозинство, сакам да чувствуваат дека првенствено ние сме нивни заштитници, ја гарантираме нивната независност и интегритет, а не само да гледаат на Судскиот совет како на некое тело кое служи за нивно казнување или разрешување. Или на кој било друг начин да служиме за заплашување на судиите. Како што кажав на почетокот, да го чувствуваат за свој заштитник. Зборувам за судии кои работат чесно, по закон и по Устав и кои имаат интегритет што секој судија треба да го има“, вели Камбовски.
Според него, единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет.
„На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива тука во Судскиот совет“, нагласува Камбовски.
Вели дека критиките кон Судскиот совет не ги сфаќаат како притисок.
„Убаво е сите власти кои се во оваа држава да соработуваат помеѓу себе, да се критикуваат кога е тоа потребно, затоа што критиката секогаш вродува со позитивни работи, да се коригираме дали ние, дали законодавната, дали извршната власт. Не го сфаќаме тоа како притисок, ниту го чувствуваме како притисок. Секој има право да критикува, се разбира, доколку таа критика е со позитивна намера да се подобрат работите и секогаш ги прифаќаме таквите критики. Се трудиме да се поправиме во некои работи кои во минатото не биле добри, за да се извршуваат на подобар начин“, истакнува Камбовски.