Уште од претходно имало устен договор меѓу сега починатиот Зоран и обвинетите Никола, Живко и Божин, додека работат во силосите Зоран да комуницира со нив преку мобилен телефон, бидејќи понудените радиостаници тој не ги прифатил заради гломазноста.
Од причини што веќе било наведено во понудата и договорено транспортните ленти (хранилките) да работат додека алпинистите чистат во силосот, Зоран во случај на потреба од вклучување или исклучување на хранилките, тоа го барал преку мобилен телефон со обвинетите од причини што вработените долу кај транспортните ленти немале сигнал за мобилен телефон и наредбите претпоставените за работата на хранилките ги добивале преку фиксен телефон.
Критичниот ден во силос бр. 1 биле вклучени и работеле хранилките 4006 и 4008, додека 4007 била заглавена и не била во функција.
Околу 11 часот Зоран во вибер-групата во која биле и обвинетите Живко и Божин, пратил видеоснимка од внатрешноста на силосот во траење од 23 секунди, на која се гледаат снимени двајца алпинисти одделени со нанос од руда како копаат со мотики, а се гледа дека безбедносните јажиња лабаво паѓаат од половината надолу и во мал дел се положени на површината од рудата зад нив.
Зоран разговарал кратко со Борче, се шегувале и потоа го поминал наносот и отишол да работи на страната на Драган, во делот од силосот каде што испустот на рудата одел преку хранилката 4006 (ја викале шестката). Дваесетина минути подоцна, руда му ги потрупала нозете на Зоран и тој викнал гласно, но со смирен тон. Борче довикнал дали му треба помош, по што Зоран му кажал „Дојди, дојди“. Во исто време, 11:25 часот, Зоран му се јавил на обвинителот Никола и смирено му кажал да ја исклучат шестката. Никола му се јавил на вработениот Душко Здравевски, кој бил заменик сменски работоводител, и му кажал да се исклучи шестката и заминал во мензата да јаде. Душко од првата барака се јавил на фиксниот телефон во силосот долу на вработениот Барак Салиев со налог да ја исклучи транспортната лента 4006. Внатре во силосот Драган и Борче со мотиките пробувале да му ги ослободат нозете на Зоран, кој постепено пропаѓал во наслагите од руда и неговото тело било затрупувано нагоре. Успеал да остане максимално смирен, направил неколку обиди да се слушне со обвинетиот Божин, но Божин го имал оставено телефонот на вибрации на масата, додека на табла презентирал графикони.
Обвинетите Божин и Живко биле на состанок со повеќе раководни работници и затоа телефоните им биле на вибрации. Зоран во 11:41 часот им довикнал на вработените Димитар и Борче да ја спуштат сајлата од кранчето (монорејот), па тие веднаш го пренеле монорејот на левата страна, каде што претпоставувале дека е Зоран, поради тоа што во почетокот се спуштил од таа страна во силосот.
Спуштиле сајла, но како никој не ја прифатил, следните три минути го пренеле монорејот до отворот од десната страна. Зоран му се јавил на Живко во 11.45 и му кажал дека му треба помош и да пратат повеќе луѓе горе на силосот. Живко веднаш го прекинал состанокот и му кажал на Божин да одат на силосите, по што со возило ги поминале 600-700те метри до силосите, ги искачиле 164те стрмни скалила угоре, а Живко успеал притоа да му се јави на обвинетиот Никола и тој да дојде.
Обвинетиот Никола успеал да го добие Зоран на мобилен и тогаш Зоран вознемирено му кажал пак да ја вклучат шестката. Во тие 7 минути додека обвинетите Божин и Живко се качиле на силосот, Драган и Борче со сите сили се обидувале да го ослободат Зоран, кој веќе до раменици бил затрупан со руда, и го замолил Борче да му ја отстранува рудата од кај градите да може да дише.
Наеднаш надолу се повлекло поголемо количество руда и Зоран бил целосно повлечен, а Драган бил затрупан со руда до над колена. Борче извикал „Го загубивме Зоран!“ и веднаш почнал да го откопува Драган. Сајлата од монорејот била спуштена, Борче ја дофатил и успеал да го закачи Драган, но веднаш откако почнале да го извлекуваат Драган нагоре, пак пропаднало поголемо количество руда, сајлата се скинала од силината на отпорот во горниот дел, а Драган бил целосно потрупан. Горе веќе имало повеќе вработени од Бучим што се обидувале со влечење на безбедносните јажиња да помогнат за подигање на алпинистите, но притоа немале никаква прегледност долу ниту пак можеле да знаат дека и Драган е целосно затрупан. Во истиот момент кога Драган бил повлечен удолу, рудата ги зафатила нозете на Борче скоро до колената. Пробал да ги подигне, но отпорот бил голем како да е во цемент, сметал дека е невозможно кога двајца не успеале да го ослободат со мотики Зоран кога бил заробен до тоа ниво на нозете, сега тој самиот да се извлече, но сепак не се откажал.
Немал навика да ги врзува повторно врвките од патиките ако додека работи му се одврзат и успеал пополека да ги извлече стапалата, прво едното, потоа другото од патиките и така да ги подигне нозете и со последните сили почнал да се влече угоре. Сето тоа се случило за 7 минути од 11:52 до 11:59 часот и кога Борче успеал само два чекори да направи нагоре, паднало големо количество руда и вработените горе виделе облак од сина прашина како излегува од отворите. Кратко потоа Борче успеал со помош на својата опрема да излезе надвор.
Бидејќи било јасно дека е невозможно повредените да се извлечат од отворите горе, обвинетите Живко и Божин се симнале долу, ги исклучиле транспортните ленти 4006 и 4008 и со помош на бравар успеале да исечат и да направат поголем отвор во долниот дел од сипката, низ кој ги извлекле Зоран и Драган, кои веќе биле починати. Зоран и Драган се задушиле зашто дишните патишта им се исполниле со прашина и прекинала размената на гасови во белите дробови, што предизвикало смрт.
Во делот – безбедност во случај на повреда, од „Бучим“ се барало „во случај на интервенција на повик за помош да се обезбеди минимум уште 2 до 4 луѓе што ќе имаат функција за извлекување на јажето нагоре и со долна асистенција од висачите за полесен транспорт на повредениот по јажето нагоре“, но тоа според Обвинителството не е направено, затоа беа побарани максимални казни за обвинетите.
Ако „Бучим“ имал обучени лица да се спуштат во силосите да им помогнат на алпинистите, тогаш сам ќе ги чистел, смета Судот
Вештите лица наведуваат „примарно, пропаѓањето на работниците низ рудата е резултат на неоптегнатото јаже, кое доколку било затегнато би требало да го спречи пропаѓањето, додека неможноста за извлекување со сопствената опрема најверојатно е резултат на силината на отпорот на рудата, зашто со оглед на настанатата ситуација, најверојатно фаталните последици се резултат на пропаѓањето на работниците заедно со материјалот“ и „…доколку работите се одвивале согласно Елаборатот, односно доколку јажињата им биле затегнати во критичниот момент така што да не се дозволи нагло пропаѓање, а работниците биле позиционирани така што наталожениот материјал да не надминува повеќе од половина метар над половината, несреќата можело да биде избегната.“
Но, Судот вели дека не може да извлече заклучок дека обвинетите ги повредиле сите наведени одредби од цитираните закони и правилници, а во делот на работењето на хранилките во критичниот момент, не може надвор од разумно сомневање да заклучи дека тоа било причината за повлекувањето на рудата што ги зафатила починатите, ниту пак дека работењето на хранилките може да им се припише како вина на обвинетите одговорни работници во Флотација од аспект на барањата на вршителот на работата и од аспект на мерките за безбедност што АК „Плоча“ ги пропишале за да се избегнат штетни последици при обрусување или пропаѓање на руда кон сипките.
Понатаму, Судот во пресудата вели дека не може да претпостави дали ако во случајот Зоран ја испочитувал обврската за работник за надзор горе во силосот, кој исто е обучен за висинско работење, операцијата за спасување ќе успеела или не, но во секој случај во тој дел нема вина на одговорните лица во обвинетото правно лице.
„Доколку ‘Бучим’ имале оспособено лица со иста обука и стручност за спуштање во силос заради спасување, како и за чистење на тој силос, немало да има потреба воопшто да ангажираат друг работодавец за извршување на оваа работа“, напишала судијката Каламерникова од Основниот суд Струмица во пресудата.
Судот заклучи дека тужителот не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите постапиле спротивно на цитираните бланкетни норми и дека со свое дејствие и пропусти предизвикале тешки последици – смрт на оштетените Зоран Мајсторски и Драган Станишков.
Сега сѐ е во рацете на второстепените судии, кои откако ќе ја примат жалбата на која странките имаат право во рок од 15 дена по приемот на оваа пресуда, која не е правосилна, имаат можност да го потврдат ставот на првостепениот суд или предметот да го вратат во почеток со можност за нова одлука.
Катерина Додевска
Никој нема да одговара за смртта на двајцата алпинисти кои за 7 минути живи ги затрупа руда во Бучим