„Со оваа мерка се обновуваат сите воени активности на нашата војска кои беа суспендирани со договорот од 2018 година“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека армијата „ќе ги преземе сите можни мерки“ за да ги заштити животите и безбедноста на јужнокорејските граѓани, пренесува Јонхап.
Се додава дека за таа одлука е одговорен севернокорејскиот режим.
„Доколку Северна се обиде да изврши дополнителни провокации, нашата војска силно ќе возврати“, истакнуваат од јужнокорејското Министерство.
Претседателскиот Совет за национална безбедност на Јужна Кореја вчера одлучи да го суспендира воениот договор од 2018 година со Пјонгјанг додека не се врати меѓусебната доверба, како одговор на масовната испорака на балони со отпад од Северна Кореја во Јужна Кореја.
Северна Кореја испрати речиси 1.000 балони со ѓубре во Јужна Кореја од четвртокот во, како што рече Пјонгјанг, кампања против јужнокорејските активисти кои испраќаат балони со пропаганден материјал кои ги критикуваат севернокорејските власти.
Во оваа акција нема човечки жртви, но падот на некои балони предизвика материјална штета, наведува Јонхап.
Јужна Кореја во неделата објави дека наскоро ќе преземе големи одмазднички чекори, а Северна Кореја потоа соопшти дека привремено ќе го прекине испраќањето балони.
Во април 2018 година, тогашниот јужнокорејски претседател Мун Џае Ин и севернокорејскиот врховен лидер Ким Џонг Ун се состанаа во селото Панмунџом и ја потпишаа Декларацијата Панмунџом, по што следеше заедничка декларација потпишана во Пјонгјанг во септември 2018 година.
Воениот договор, анекс на заедничката декларација, беше потпишан на 19 септември 2018 година, за да се запрат сите непријателски воени дејства и да се воспостават тампон зони преку меѓукорејската граница на копно, море и воздух.