среда, 11 декември 2024

Јовановиќ: Нема дилема дека победата на Трамп негативно ќе се одрази врз македонската економија

Победата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп неминовно ќе се одрази негативно и на македонската економија, околу тоа не треба да има никаква дилема, оценува економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Јовановиќ посочува дека главното ветување на Трамп во кампањата за воведување на царини на сите производи што се увезуваат во Америка, и тоа 60 проценти за Кина и 20 проценти за останатите држави, ќе доведе до „трговска војна“, односно ќе ги натера и другите земји да воведат царини за Америка што ќе ја намали глобалната трговија.

„Меѓународниот монетарен фонд неодамна процени дека ова може да го чини светот седум трилиони долари (седум проценти од светскиот бруто домашен производ), што е огромен износ. Ако такво нешто се случи, нема шанси Македонија да не биде погодена, и покрај тоа што извезува многу малку во Америка“, вели Јовановиќ за МИА.

Другиот главен канал преку кој Трамп ќе влијае на глобалната економија, според Јовановиќ, е неизвесноста што тој ја носи на геополитички план, односно не се знае дали ќе ја поддржи Украина, дали ќе излезе од НАТО, дали ќе прави тензии со Кина што неминовно ќе влијае и на глобалната економија.

„Единствената сигурна работа со него е дека ќе биде несигурно. Не знаете дали ќе ја поддржува Украина, не знаете дали ќе излезе од НАТО, не знаете дали ќе ги уценува европските држави да купуваат повеќе оружје од Америка за да остане Америка во НАТО, не знаете дали ќе почне војна со Иран, не знаете дали ќе прави тензии со Кина… Светот и до сега не беше многу извесно место, ама сега може да се претвори во тотален хаос. Тоа неминовно ќе влијае и на економските движења, пред сѐ на инвестициите, затоа што инвеститорите сакаат сигурност, сакаат да знаат што ќе се случува“, нагласува Јовановиќ.

Доколку се реализира ветувањето на Трамп дека ќе протера 10 милиони доселеници од Америка, според Јовановиќ, не само што ќе се одрази врз американската економија, туку ќе го погоди и европскиот континент.

„Ако навистина почне со тоа, не само што може да настане хаос таму, туку и државата ќе остане без работници, што негативно ќе се одрази на нивната економија. Се очекува истото да почне да се случува и во Европа, каде екстремната десница дополнително ќе зајакне, што силно ќе го погоди стариот континент, кој е уште позависен од имигранти отколку Америка“, појаснува Јовановиќ за тоа што ја очекува македонската економија по победата на Донал Трамп на штотуку завршените избор за претседател на САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ