Во своето излагање во Скопје, Аленка Јелен го опфати аспектот на предизвикот – како можеме да ги сочуваме демократските вредности, етичките стандарди и јавната доверба во ерата на поствистината во политиката. Оперирањето со терминот „поствистина“ беше вистинскиот провокативен момент во студијата на професорката Јелен, која комуницира и на јазик што го нарекува „југословенски тути фрути“, но професионалната комуникација претпочита да биде на англиски јазик, зашто тоа е јазикот на кој работи и размислува професионално.
Вашето излагање на конференцијата беше насочено кон начините како да се сочуваат демократските вредности, етичките стандарди и јавната доверба во ерата на поствистината во политиката. Секој префикс пред зборот „вистината“ предизвикува сомнеж дека тоа е целосната вистина. Може ли да се зачуваат демократските вредности, етичките стандарди и јавната доверба кога политиката функционира со нецелосна или селективна вистина, па макар и да се нарекува поствистина?
-Терминот поствистина почна да се користи со развојот на настаните во 21 век, кога во јавниот простор почнаа да се користат аргументи базирани на верувања и чувства. Претседателот Трамп можеби не е првиот што го воспостави тој феномен, но веројатно е првиот што поствистината ја постави на глобалната сцена, односно го привлече глобалното внимание. Ние го видовме тоа за време на брегзитот, кога Обединетото Кралство излегуваше од Европската Унија.
Не беше важно што говорат фактите, туку беше важно како се чувствувавме, дека знаеме подобро од фактите… Позната е онаа мисла од тој период во Обединетото Кралство (не толку одамна): На луѓето им е доста од експерти – луѓето најдобро знаат што е најдобро за нив. Тоа е ситуација кога вистината не е ирелевантна, но не мора да се базира на факти. Тоа е премисата. Предност му се дава на она во што луѓето веруваат, без оглед дали тие верувања се поддржани од факти, потврдени докази, какви било материјални докази… Тоа создаде еден предизвик да се аргументира со емоции.
Во таков случај не можете да кажете што е правилно, а што е погрешно. Треба да расправате со нечии туѓи чувства. Главно дебатите се сведуваат на емоциите, а фактите се ставаат во втор план, иако понекогаш, мора да признаеме, и фактите се дискутабилни. Но нештата стануваат попроблематични, бидејќи аргументирањето со емоции нè води до работ на тоа да почнеме да зборуваме за лаги или барем за полувистини. Во еден ненијансиран контекст, поствистината исто така е лага. Можеби не е целосна лага, или синоним за лага, но поствистината реферира на аргументи базирани на верувања, а не на фактите што се достапни во реалноста.
Поствистината им даваше право на луѓето за време на брегзитот да кажат дека е лошо што Велика Британија е во Европската Унија без никакви докази или примери за тоа. Или дека ЕУ ни ја краде моќта и сувереноста… Или ЕУ одлучува за нас. Секако, тоа не беше целосната вистина. Ако сте членка на Европската Унија, имате право да седнете на масата и да имате улога во одлучувањето. Но тоа не одговараше на тогашните верувања во време на брегзитот – дека немаме никаква моќ, ниту контрола. Тогаш стана проблематична таа селективната вистина во која веруваа луѓето, според информациите што ги имаа во тој момент. На долги патеки тоа може скапо да чини. Тоа го гледаме во Обединетото Кралство откако излезе од Европската Унија. На луѓето во Британија им беа одземени правата на државјани на Европската Унија, правото да работат и да живеат во ЕУ. Оние Британци што живееја и работеа во земјите на ЕУ веќе мораа да аплицираат за престој таму, иако до вчера биле рамноправни граѓани. Навистина тие апликации поминуваат мазно, но сепак се изгуби таа дозвола да се живее каде било во ЕУ, со статус што се подразбира.
Проблематичното со поствистината е што не можеме да ја заштитиме довербата. Не на долги патеки. Луѓето што им веруваат на политичарите и нивните изјави често се изневерувани. Така што довербата е изгубена. Во тој случај, може да очекувате нарушување на социјалната стабилност, недостиг од општествена кохезија. Луѓето стануваат повеќе сомничави и затоа партиите се ориентираат, односно се навраќаат на т.н. традиционални вредности, со кои доаѓаат популизмот, национализмот… Исто така, сè почесто можеме да видиме како со леснотија се применуваат обвинувања за лажни вести, поствистина и лаги. Овие термини се користат како аргументи во расправа, кога некој не се согласува со вас и со фактите што ги изнесувате. Тогаш се посегнува по тврдењата на политичарите, кои велат дека фактите со кои оперирате се лажни вести, лаги, измами, немаат значење… Дека тоа се ставови на експерти од елитата… Всушност на тој начин ја дискредитираат другата страна, користејќи ги со леснотија термините „лажни вести, лаги, измами“, за она што го говори другата страна.
Според дефинициите, демократските вредности во оваа ситуација можеме да ги зачуваме со рамноправно учество на сите граѓани во таа широка општествена расправа, кога може да се слушнат различни мислења. Но од друга страна, тоа е меч со две острици. Тоа подразбира секој да може да го каже своето мислење во јавната сфера. Сега го имаме тоа. Дури и ако јавната е сфера е сајбер-сферата, каде што секој може да каже сè и сешто на социјалните медиуми. Дали имаме уште подобра ситуација со „демократските вредности“? Дали луѓето споделуваат информации и мислења? Мислам дека на сите ни треба одговор на овие прашања.
Во заднината на таа ситуација, оние што всушност ги информираат граѓаните обично не придонесуваат во таа дебата, зашто многу често има „тролови“, навреди, закани… И на тој начин всушност во таа дебата во која се вклучени широк спектар граѓани, демократските вредности стануваат загрозени и под закана.
Мислам дека довербата не е можно да биде зачувана ако постојано сме изложени на лаги и не гледаме некој кому можеме да веруваме, освен себеси, односно нашата способност да ја препознаеме вистинската информација, од сите оние информации на кои сме изложени, за да донесеме правилна одлука.
Етички стандарди речиси и нема. Сето ова е против сите етички стандарди. Во новинарството, во односите со јавноста, во политиката, многу етички стандарди, како отвореноста, вистинитоста, точноста, се нагласено загрозени. Понекогаш и политичарите ги немаат сите факти на располагање и можат да дејствуваат според она што го знаат. Во такви услови не може да се донесат најдобрите одлуки. Во комуникацијата со граѓаните политичарите често настапуваат од позиција дека граѓаните нема да го разберат тоа, па се одлучуваат дека „стратегискиот молк“ е најдоброто решение.
Имате ли информации како овој феномен на поствистина се рефлектира во земјите на Западен Балкан?
-Мислам дека нема голема разлика. Секако, секоја земја си има свои специфики и разлики: културни, општествени, политички… Она што го имам согледано, најмногу во Словенија, десните политички партии прибегнуваат кон внесување чувства на национализам и „бегство“ од другите. А тие други се други идеи, односно идеите што не се во согласност со нормативите што мнозинството ги следи – или според начинот како што живее мнозинството и како тоа мнозинство смета дека треба да се живее. Тие „другите“ може да бидат имигранти, оние со поинакви идеи, правата на заедницата ЛГБИТ-кју плус, различната религија… Мнозинството од луѓето не се погодени од таквите политички наративи, но малцинствата може да бидат повредени од таквата политичка реторика. Ако сакаме да живееме во мултикултурно општество (мислам дека таквата политика има многу бенефити, зашто прифаќањето дека сме различни нè води кон прогрес), мора да бидеме внимателни со тоа. Но политичарите од десното крило во Словенија обично не се внимателни.
Во краткото време колку што бев во Македонија, на конференцијата на ИКС, добив впечаток дека новата влада навистина се труди да биде потранспарентна и да комуницира често со јавноста. Она што ми го привлече вниманието е дека на македонската влада многу ѝ значи транспарентноста. Но треба да се има на ум дека транспарентноста не значи и пристапност. Можеме да бидеме транспарентни и да објавуваме сè како што е и за сè што работиме, но преголемата транспарентност може да стане „опсесивност“ за луѓето, во смисла „ кој да се справува со премногу информации“. Тоа може да биде и трик. Односно, политичарите се транспаренти, но го кажуваат она што тие сакаат да го кажат, она што сакаат да излезе во јавноста. Со таков ангажман може само да се биде претранспарентен, но суштината е во пристапноста, она што се соопштува да им биде достапно, разбирливо и прифатливо на граѓаните. Како да направиме информацијата да биде прифатлива! Многу политички институции оперираат со некој свој жаргон. Имаат некој свој јазик што го создале, работат и продуцираат документи во тој свој формат, кои не се разбирливи за луѓето надвор од тој „политички меур“. Вообичаено, новинарите и луѓето во односите со јавноста на некој начин се „преведувачи“ меѓу комплексноста на политичкиот јазик и граѓаните. Политичката ситуација е комплексна, а политичарите се соочени со носење комплексни одлуки. Во таква ситуација се наметнува предизвикот за новинарите и професионалците во односите со јавноста, како да се „преведе“ и да се направи информацијата достапна и прифатлива. Мислам дека во Македонија, како дел од демократскиот свет, може да се учи и да се користат западните искуства и искуствата на ЕУ.
И таму, во ЕУ, има „прекумерна транспарентност“. Навистина ЕУ е транспарентна, сè е достапно: Комисијата, комитетите, парламентот…, но колку луѓето разбираат од сето тоа? Колку обичните луѓе се способни за „навигација“ низ сета таа администрација? Како тоа да се преведе на јазик што граѓаните ќе го доживеат како „пријателски“, да чувствуваат дека можат да се ангажираат и да се вклучат во политиките на ЕУ? Тоа е многу важна задача за комуникаторите!
Каква е улогата на медиумите, односно колкава е нивната „вина“ во креирањето на тој амбиент на поствистина во политиката?
-Секако, медиумите имаат одговорност да известуваат за нештата што имаат ефект врз граѓаните. Кога политичарите даваат изјави, одговорност на медиумите е според нивната уредувачка политика да известат за тоа. Но критичката улога на медиумите е во тоа да ја проценат вредноста на таа информација. Секако, како основа го имате она што одредена личност го кажува, но треба да се провери и вистинитоста на тоа што го кажува, да се проверат фактите, но да се проверат и фактите на евентуално друго спротивставено мислење. Работите никогаш не се црно-бели. Меѓу нив има многу нијанси на сивило. Знам дека многумина од нас очекуваат апсолутни одговори: дека нештата се „такви и такви“, тоа е најдоброто решение и тоа и тоа треба да го направиме. Но најчесто нештата не се толку едноставни. Треба да се носат одлуки од кои ќе имаат корист сите, не само одредена група. Треба да се прави контрабаланс и да се проверат фактите од друга перспектива.
Но проверувачите („чекерите“) во медиумите обично не го прават тоа. Се пренесува тоа што политичарите го кажуваат, или се контекстуализира и се интерпретира изјавата. Знам дека медиумите и новинарите работат под притисок информацијата да се објави што побрзо и се нема време да се направат сите тие проверки. Знам дека професионалните стандарди во организацијата на медиумите е да се провери информацијата кај најмалку два извора пред да се објави. Потребно е да се согледа една ситуација од различни перспективи. Мислам дека е опасно да се сведеме на една единствена изјава за нешто дали е добро или лошо за сите нас. Потребно е да се доловат нијансите, за да се разбере комплексноста на одредена ситуација. Она што е базично е дека информацијата треба да биде точна, а кога имате повеќе факти, полесно се верификува веродостојноста.
Во секој случај, медиумите имаат улога во креирањето на политичкиот амбиент и носат одговорност или одредена „вина“ за тоа. Но имаме секаков вид медиуми: добри и лоши, т.е. медиуми со повисок и понизок квалитет. Имаме и сензационалистички медиуми и таблоиди… Сите тие имаат различно ниво на „вина“. Апсолутно, традиционалните медиуми имаат голема улога, но сега веќе и социјалните медиуми стануваат значително важни. Многу луѓе се откажуваат од традиционалните медиуми и следат само социјални медиуми.
Во секој случај, медиумите се влијателна институција во општеството, која може да влијае како ги восприемаме случувањата, во што да веруваме и каква општествена акција да преземеме. Медиумите, заедно со политиката, односите со јавноста, социјалните медиуми, инфлуенсерите, се моќна институција што ја дефинира општествената реалност.
Дали инфлуенсерите веќе стануваат релевантен фактор со влијание во креирањето на политичкиот, или барем на општествениот амбиент?
-Инфлуенсерите стануваат мошне важни во овој сајбер-простор.
Глобалните истражувањата покажуваат дека имаме тенденција да им веруваме на луѓето што се повеќе како нас, отколку на политичарите или медиумските институции. Луѓето што се повеќе како нас често се инфлуенсерите. Особено помладите луѓе се свртени кон инфлуенсерите. Сè почесто инфлуенсерите стануваат релевантни и за политички прашања. Во финансискиот сектор не е необично тоа што често инфлуенсерите имаат поголема моќ да ги советуваат луѓето како да инвестираат, отколку банките и финансиските институции.
Инфлуенсерите полека зачекоруваат на теренот на традиционалните медиуми, иако инфлуенсерството важи за нетрадиционална и неполитичка сфера. Но сè почесто одеднаш инфлуенсери за совети за убавина почнуваат да зборуваат за политика и политички прашања. Проблемот со инфлуенсерството е што тој простор не е регулиран.
Умеат ли консументите на информациите да ги препознаат штетните наративи, креирани од политичарите, или од медиумите?
-Ако се согласуваме со политичарите и со она што го говорат, можеме и да не препознаеме дека е штетно тоа што го зборуваат. Ако тој политичар дискредитира некого и го прозива со навредливи имиња, а ние се согласуваме со некои негови други ставови, можеме да помислиме дека и неговото навредливо однесување е во ред. Луѓето што го немаат тој дискурс секако го препознаваат тој штетен наратив. Затоа дискусиите и дијалогот во општеството се важни за да видиме како другите луѓе се засегнати од наративите, приказните и фактите што се комуницираат во јавната сфера.
Мислам дека сите сме способни да препознаеме говор на омраза. Сметам дека имаме толкав морален компас дека говорот на омраза не е во ред. Не е во ред да се навредува некој врз основа на неговата појава, не се во ред заканите, или да се користи насилен речник… Тоа се примарните правила на социјализација. Но некои политичари се обидуваат да „протнат“ дека е прифатливо да се изнесуваат закани во јавниот говор. Се поставува предизвикот – како да им се објасни на луѓето дека тоа сепак не е прифатливо.
Да, се препознава говорот на омраза. Но дали се препознаваат последиците што штетните наративи можат да ги остават во одредени сегменти на општеството? Не сум сигурна дека имаме толку отворен дух за да дискутираме како од таквите наративи се засегнати другите луѓе, како тоа се одразува на нив. На пример, во времето на брегзитот, многу малку луѓе ги прашуваа европските граѓани како се чувствуваат. Наративите што тогаш се пласираа беа многу штетни за голем сегмент од популацијата.
Мислам дека ги препознаваме штетните наративи, но не можеме да ја препознаеме димензијата на нивното влијание, односно како тие се одразуваат во различни заедници на општеството.
Во однос на фактите, многу е интересно како луѓето влегуваат во наративите со примамливи наслови, без да ги употребат основните вештини за да утврдат колку е веродостојна таа информација. Барем сега имаме пристап до информациите како никогаш досега во историјата и немаме изговор дека не можеме да провериме што е вистина.
Неодамна во Словенија започнаа со работилници за информативна хигиена, како да се пронајдат проверени информации. Мислам дека сè повеќе ни се потребни вештини за информативна хигиена.
Можеби изгледа тривијално, но луѓето сакаат да читаат информации за кралското семејство, а во тие информации, на пример, има непроверени факти за цената на фустанот што го носела принцезата Кејт. Изгледа тривијално, но не ги знаеме последиците што може да ги предизвика таквата лажна вест. Тоа може во општеството да предизвика одредени чувства што би му создале проблеми на кралското семејство, односно да ја загубат поддршката на јавноста за ветувањата што ги имале дадено, на пример – дека нема да прават непотребни трошоци.
Колкави се шансите на здравиот разум, односно да се донесе вистинска процена на состојбите и ситуациите од страна на обичните луѓе, пред моќта за влијание на политиката и на медиумите?
-Навистина, живееме во време со многу предизвици за здравиот разум. Понекогаш ни се чини дека го губиме здравиот разум, особено откако сме биле изложени на различни влијанија и информации. Ако на пример политичарите ни велат дека мигрантите што доаѓаат ни ги крадат работните места, а истовремено ги поддржуваат политиките на социјална помош за мигрантите, навистина нема здрава логика. Како некој може да има работа и истовремено да прима социјална помош? Во нормална ситуација, тоа не се случува, зашто едното го исклучува другото.
Здравиот разум е мошне важен за луѓето да размислуваат критички. Тука ја гледам важната улога на образовните институции, да се научат луѓето како да ги репродуцираат фактите. Нашиот школски систем е базиран на испити за кои мора да се научат факти за да се реплицираат, но фактите треба и критички да се преоценат. Секогаш треба да се размислува пред да се зборува, но уште повеќе треба да се размислува пред да се дејствува, врз основа на информациите што ги имаме.
Сè почесто наидувам на луѓе што се исклучуваат, или барем се дистанцираат од политиката и од медиумите. Дали им е подобро? Дали имаат подобар живот? Тие мислат дека им е подобро. Но кога имате апатично население, многу полесно можете да воспоставите моќ и да го владеете, бидејќи во основа на луѓето не им е гајле што се исклучени од општествените случувања. Ми велат: „Не ми е гајле за политиката, таа нема никакво влијание врз мојот живот“. Но секако дека има, и тоа врз секој аспект на животот: од тоа како живееме, каква куќа имаме, во какво училиште одат нашите деца, пензиите… Секој аспект на животот ни го одредува политиката.
Влијанието сега не е манифестирано преку некоја цврста моќ како што било порано, ниту преку медиумите, ниту во политиката, ниту од некои организации, зашто имаме мултиплицираност на информациите. Тоа ја лимитира моќта на оние што ја имаат „сопственоста“ врз знаењето, вистината и фактите. Но тоа ги прави нашите животи покомплицирани, зашто се наметнува предизвикот – кому да веруваме, на чија информација да ѝ веруваме, кога како личности ги донесуваме нашите одлуки. Не би ја потценила улогата на здравиот разум, која може да го култивира критичкото мислење на општеството. Тоа ни носи поголем квалитет во јавната дебата и нè води кон подобри заеднички одлуки во различни простори на заедницата.
Кому Вие лично верувате?
-Кому јас му верувам?! Па им верувам на науката и на научниот развој, но секогаш ги земам со доза скепса. Секогаш кога ќе добијам нова информација, проверувам што сака да се каже со неа, кого или што поддржува. Понекогаш тоа е исцрпувачко, па често и ја прифаќам информацијата таква каква што е.
Да, ѝ верувам на науката, но не на науката генерално, туку на онаа поткрепена од етаблирани институти и универзитети, но секогаш проверувам кој стои зад одредено истражување… Им верувам на политичарите до одредено ниво, во зависност од која политичка партија афилираат… Не им верувам на социјалните медиуми. Секогаш ја проверувам веродостојноста на тие информации, иако тие се многу моќен извор. Зборувам во контекст на Обединетото Кралство. Но секогаш ги преоценувам информациите. Секако, им верувам на моите блиски луѓе.
Јасминка Павловска