среда, 11 декември 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Јавното разузнавање како инструмент на надворешната политика

Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година за многумина беше изненадување. Доста експерти, креатори на политики и практичари на меѓународната политика, исто така, беа изненадени. Меѓутоа, САД и Велика Британија со месеци ја предупредуваа јавноста и лидерите на другите земји за реалната можност од руска инвазија.

Прогнозите на нивните разузнавачки служби биле толку точни, дотолку што можело да се предвиди и точниот датум на почетокот на нападот. Таквиот пристап каде што креаторите на политиките – намерно и скоро во реално време – ги декласифицираат и објавуваат податоците што ги собираат од нивните разузнавачки служби, користејќи ги како алатка на надворешната политика, се смета за инвентивен и има значително влијание врз дипломатската стратегија на државите во идните меѓународни кризи.

Првичните разузнавачки информации

Во декември 2021 година почнаа да се објавуваат првите информации дека Русија планира да започне воена офанзива против Украина. Се предвидуваше дека инвазијата би можела да се случи во првите месеци од 2022 година. Еден од првите медиуми што објави податоци од разузнавачките служби за мобилизацијата на руските трупи беше Вашингтон пост (The Washington Post).

На страниците на овој весник, на почетокот на декември 2021 година, беа објавени автентични документи на разузнавачките служби кои вклучуваа јасни сателитски снимки за обемот, позиционирањето и локацијата на руските војници кои беа наредени долж украинската граница. Врз основа на овие податоци, весникот предупредува дека Русија планира воен напад против Украина со 175.000 војници.

На крајот на јануари 2022 година, британската влада, исто така, обзнани дека Москва има намера да ја собори владата во Киев и да постави проруско раководство на нејзино место. Известувајќи пред Парламентот, поранешниот премиер Борис Џонсон, нагласи дека британската разузнавачка служба има убедливи информации кои јасно ги разоткриваат намерите на Русија да инсталира марионетски режим во Украина.

Претходно, на почетокот на јануари 2022 година, американските власти објавија дека собрале веродостојни податоци што укажуваат на намерата на Русија да организира лажни напади што би послужиле како оправдување за започнување на инвазијата.

До почетокот на февруари, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека Русија собрала доволно сили на границата со Украина за да изврши воена операција и дека може да заземе значителна територија, вклучувајќи го и главниот град Киев. Уверен и добро информиран од американските разузнавачки служби за дејствијата на руската војска, тој во таа прилика ги повика американските државјани да ја напуштат Украина.

Практиката на објавување на информациите до кои дошле разузнавачките служби за политички цели не се користела само пред почетокот на војната. Овој пристап продолжи да се применува систематски во текот на развојот на борбите во Украина. Декласифицираните информации на дневна основа од американските и британските разузнавачки служби за случувањата на бојното поле, воените движења и нивните позиции се доставуваат во речиси реално време до локалната и меѓународната јавност преку користење на социјалните мрежи.

Додека во минатото, државите љубоморно ги чуваа своите информации собрани преку разузнавачките служби, во некои случаи класифицирајќи ги како „строга тајна“, кои беа споделени само со пријателски или сојузнички земји, пред почетокот на војната во Украина, но и за време на развојот на настаните можеме да го идентификуваме феноменот, кога не само сојузничките држави, туку и спротивставените држави и локалното и меѓународното јавно мислење во реално време се изложени на стратешки, оперативни и тактички информации кои се дистрибуираат со одредени политички цели.

Така, за прв пат во историјата на практикувањето на разузнавачките информации, видовме имплементација на она што е познато како „Твитер разузнавање”: кога разузнавачките служби на државите ги користат социјалните мрежи како средство за споделување чувствителни информации за да го зголемат влијанието. Значи, разузнавачките агенции се претвораат во „инфлуенсери“ на социјалните мрежи.

Цели на примена на јавното разузнавање

Се подразбира дека ваквата стратегија не е случајна. Примената на јавното разузнавање од страна на САД и Велика Британија во случајот со Украина беше направена за да се постигнат неколку витални цели. Прво, западните земји сметаа дека декласификацијата и објавувањето на податоците добиени од разузнавачките служби ќе послужи како превентивен механизам Русија да не ја нападне Украина.

Се веруваше дека информирањето на меѓународната јавност за вистинските планови и намери на руската влада и војска ќе ги натера да се двоумат и да се предомислат за идејата за инвазија. На 19 февруари 2022 година, само пет дена пред почетокот на инвазијата, американскиот претседател Бајден изјави дека ги објавуваме руските планови јавно, „не затоа што сакаме конфликт, туку затоа што правиме се што е во наша моќ да отстраниме која било причина која ќе и служи на Русија како оправдување за инвазијата на Украина“. Меѓутоа, како што сведочат настаните по 24 февруари 2022 година, употребата на јавното разузнавање како превентивен механизам не функционираше.

И покрај неверојатните способности што ги покажаа разузнавачките служби за откривање на руските активности и нивната подготвеност да ги споделат тие важни информации со пријателските држави, не сите сојузници и партнери дојдоа до исти заклучоци.

Друга причина за употребата на јавното разузнавање од страна на западните земји беше да го зголемат притисокот врз сојузничките земји – особено Франција и Германија – кои првично не сакаа да преземат силни одлуки против агресивните дејствија на Русија, особено по изјавите на германските власти дека е почнато повлекување на војниците од границата. Пред САД и Велика Британија да го интензивираат известувањето за позиционирањето на руските трупи и да ги дешифрираат нивните злонамерни намери кон Украина, во јануари 2021 година, германскиот канцелар Шолц тврдеше дека преку директна средба со претседателот Путин ќе ги преоцени односите со Русија.

Во јануари 2022 година, во својот новогодишен говор, тој ја нагласи важноста од „конструктивен дијалог“ помеѓу Германија и Русија!

Друга убедлива причина за мотивите за употребата на јавното разузнавање од страна на западните држави беше изложувањето на лажни вести и дистрибуцијата на дезинформации од страна на разузнавачките институции, агенции и медиуми контролирани од Русија.

Така, целта беше да се изгради контра-наратив кој го неутрализира рускиот наратив за причините и мотивите за започнување на војната. Познато е дека Русија има искуство и експертиза во користење на тактики за хибридно војување, ширење лажни вести и дезинформации – особено во сајбер просторот и преку социјалните мрежи – насочени кон создавање средина погодна за градење на „наративна супериорност“ во јавното мислење.

Затоа, упорното противење на западните земји на оваа добро испланирана руска кампања ја подигна будноста на меѓународното јавно мислење и, истовремено, ја зајакна подготвеноста во редовите на земјите на НАТО за потенцијалната закана и евентуалните последици што би ги предизвикала окупацијата на Украина.

Во таа насока, со текот на времето, може да се забележи промена во тактиката на објавување и соопштување на разузнавачките информации од страна на британските и американските служби.

Додека од ноември 2021 година до јануари 2022 година, фокусот беше на „стратешко предупредување“ со цел да се користи разузнавањето како механизам за одвраќање, а кога се увиди дека Русија веќе одлучила да го започне нападот и дека стратегијата за одвраќање не успеала, западните држави започнаа да ја зголемат фреквенцијата на споделување информации на речиси дневна основа, обезбедувајќи обилни и детални информации за напорите на Русија да создаде изговор и да ја оправда инвазијата.

Таквата тактичка промена имаше за цел да го префрли пристапот на користење на разузнавачки информации од целта за одвраќање на руската агресија кон создавање „наративна супериорност“ против масовната и повеќедимензионална руска пропагандна кампања.

Не ретко низ историјата, државите декласифицирале и користеле податоци добиени од нивните разузнавачки служби за да поддржат или да влијаат на политичките одлуки. Ваквото дејствување не претставува никаква новост во делокругот на функционирање на разузнавачките служби.

Сепак, улогата на разузнавањето пред почетокот на руската инвазија на Украина, но и за време на борбите, претставува сосема ново поглавје во политичкото и дипломатското користење на разузнавањето во меѓународните работи како инструмент на надворешната политика.

Брзината со која западните влади ги декласифицираа информациите, начинот и средствата користени за пренесување на овие информации и јавноста кон која беа насочени, се инвентивни елементи во користењето на разузнавачките информации од страна на креаторите на политиките за политички цели.

 

                                                                                                                                                Алфред Марлеку

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

Коби Брајант: стремеж кон совршенство

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе победи на избори? Прашај го ЧетГПТ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Славој Жижек

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

Александар Стојановски

Регистар за двојни стандарди

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ