Во основните јавни обвинителства во Македонија во текот на 2022 година, со посебни истражни мерки биле опфатени вкупно 413 луѓе со утврден идентитет, двајца со неутврден идентитет и 136 предмети на кривично дело, пишува во Извештајот на јавното обвинителство (ЈО).
„Доколку се анализира бројот на случаи, со примената на посебните истражни мерки се обезбедуваа докази во вкупно 53 случаи по кои постапуваа јавните обвинителства. За споредба, во претходната 2021 година, во сите основни јавни обвинителства беа применети посебни истражни мерки во вкупно 59 случаи против 204 луѓе со утврден и 11 со неутврден идентитет и 126 предмети на кривично дело“, велат од ЈО.
Како најприменувани посебни истражни мерки во континуитет со минатите години биле мерките, следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации и тајно следење и снимање на луѓе и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен. Посебните истражни мерки во најголем број случаи се применувале за обезбедување докази за кривичното дело, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
„Посебните истражни мерки се силен и адекватен одговор за спротивставување и пресретнување на различните облици на организиран криминал, корупција, тероризам и другите тешки облици на криминал. Современите облици на криминалот, а особено тешкиот и организираниот криминал не може да се откријат и за нив да се обезбедат докази без примена на посебни истражни мерки. Тие се определуваат само за потешки кривични дела и тогаш кога е веројатно дека со другите доказни средства нема да биде возможно и доволно ефикасно обезбедувањето на податоците и доказите неопходни за успешно водење на кривичната постапка“, велат од ЈО.
Посебните истражни мерки предвидени во Законот за кривична постапка опфаќаат, следење и снимање на телефонски и другите електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон, следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации, тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен, таен увид и пребарување во компјутерски систем, автоматско, или на друг начин пребарување и споредување на личните податоци, увид во остварени телефонски и други електронски комуникации, симулиран откуп на предмети, симулирано давање и примање поткуп, контролирана испорака и превоз на лица и предмети, користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи, отворање симулирана банкарска сметка и симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци.