среда, 16 октомври 2024

Јавното обвинителство ги демнатира наводите на ИРЛ за неговата улога во случајот со модуларната болница во Тетово

Објавено на

часот

Сподели

Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно, велат од Јавното обвинителство (ЈО).

„Неосновани се информациите за наводна спротивставеност на вештачењата. Имено, и вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово. Дополнително, во емисијата воопшто не се наведени заклучоците од вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата и со кое исто така јасно се посочува дека основна причина за брзото горење на модуларната болница е големата концентрација на кислород во објектот“, велат од ЈО.

Оттаму тврдат дека во емисијата се изнесува целосна невистина во поглед на правната квалификација на делото.

„Во емисијата се тврди дека поднесеното обвинение воопшто не се однесува на пожарот во модуларната болница. Напротив, во самото обвинение, кое обвинителството им го достави на новинарите на ИРЛ, пишува дека двајца од обвинетите ‘иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати, на денот на пуштање во употреба на Модуларната болница во Тетово, па се до денот на настанување на пожарот во модуларната болница, не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар’ со што сториле дело – тешки дела против општата сигурност по член 292 став 4 во врска со член.288 став 4 во врска со став 2 од Кривичниот Законик, додека третиот обвинет ‘како одговорно лице дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од ковид 19, како придружници, во модуларната болница’ и се товареше за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по член 206 став 1 од Кривичниот Законик“, велат од ЈО.

Од обвинителството уште велат дека ниту еден единствен доказ во предметот не укажува на кривично дело – убиство како што се наведува во емисијата.

„Ваквата правна оценка за настанот дава поранешен јавен обвинител кој по поведена дисциплинска постапка беше разрешен од Советот на јавните обвинители заради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Тој факт кој сериозно ја доведува во прашање кредибилноста на соговорникот, новинарите свесно одбегнуваат да ѝ го презентираат на јавноста. Нагласуваме дека за целиот овој настан, особено за тендерот за набавка на сите модуларни болници, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се води уште еден предмет, кој неоправдано свесно беше маргинализиран во новинарското истражување. Во овој предмет интензивно се преземаат дејствија на проверки, заради кои обвинителството не е во можност да објавува детали. Меѓутоа, наспроти тврдењата изнесени во емисијата, во тој предмет сѐ уште постапува истиот јавен обвинител“, велат од јавното обвинителство.

Дополнително, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово најостро демантира дека одбил интервју за споменатата емисија со образложение дека тоа му било забрането од Јавниот  обвинител на Република Македонија.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, пак, одбивајќи го барањето за интервју, појасни дека со оглед на фазата во која се наоѓа постапката, секој негов јавен настап би претставувал влијание на текот на судската, а не на истражната постапка, бидејќи во моменот кога беше упатена поканата, во предметот веќе беше донесена првостепена пресуда, на која обвинителството вложи жалба, како на висината на изречената санкција, така и на ослободителната пресуда за еден од обвинетите. Сепак, како доказ за посветеноста и транспарентноста во работењето на Јавното обвинителство и јавните обвинители кои постапуваат во предметот, на новинарите од ИРЛ им беа овозможени повеќе брифинзи со различни јавни обвинители, а им беше понудено и да ги испратат писмено сите прашања кои ги имаат во поглед на овој предмет. До објавата на емисијата, такви прашања до обвинителството не беа испратени. За да се спречи ширењето на невистини и манипулации за овој трагичен настан, Јавниот обвинител му наложи на основниот јавен обвинител од ОЈО Тетово да ја дополни жалбата со барање до Апелацискиот суд за јавна седница на која уште еднаш пред целата јавност ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка“, велат од ЈО.

Јавните обвинители кои темелно и одговорно го истражуваа овој случај своите докази ги презентираат и ќе ги презентираат пред надлежните судови. Впрочем, Јавното обвинителство е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во ковид болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите, тврдат од Јавното обвинителство.

„Јавното обвинителство исклучително го цени придонесот на одговорните и кредибилни медиуми и новинари за навремено и точно информирање на јавноста, меѓутоа апелира на етичност во известувањето, особено кога се известува за големи трагедии. Контекстот и содржината која беше презентирана во конкретниот новинарски производ никако не соодветствува со доказите и воопшто не е адекватна на болката и траумата на семејствата на жртвите во овој трагичен настан. Јавното обвинителство изразува жалење што огромната трагедија на семејствата на жртвите се злоупотребува за лична и институционална дискредитација“, велат во реакцијата на Јавното обвинителство, а која се однесува на емисјата на ИРЛ со наслов „Убиство во Тетово“ и се однесува на пожарот што ја пеплоса модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, а во која беа смстени пацинети заразени со ковид 19.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ