сабота, 15 март 2025

Јапонија нема да се приклучи на состанокот на ОН за забрана на нуклеарното оружје

Јапонија нема да учествува на конференцијата на ОН за договор за забрана на нуклеарното оружје, изјави висок владин претставник во понеделникот во Токио, велејќи дека американското нуклеарно одвраќање е од клучно значење за безбедноста на нивната земја, но дека учеството ќе испрати „погрешна порака“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за надворешни работи Јошимаса Хајаши рече дека националната безбедност на Јапонија е главната причина поради која земјата нема да учествува како набљудувач на конференцијата, која почнува на 3 март во Њујорк.

„Во остро безбедносно опкружување, нуклеарното одвраќање е од суштинско значење за одбрана на животите и имотот на луѓето, како и за суверенитетот и мирот на Јапонија“, им рече Хајаши на новинарите.

Учеството на Јапонија на конференцијата како набљудувач би „испратило погрешна порака за јапонската политика (која го поддржува) нуклеарното одвраќање“ и би ги попречило нејзините „напори за безбедност, мир и сигурност“, рече тој.

Договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје беше одобрен во 2017 година и стапи во сила во 2021 година по повеќедецениска кампања чија цел беше да се спречи повторување на американските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки на крајот на Втората светска војна.

Иако е единствената жртва на тие напади, Јапонија одби да го потпише Договорот, наведувајќи дека неговата цел е неодржлива без учество на која било од земјите што поседуваат нуклеарно оружје.

Јапонските власти рекоа дека ја споделуваат крајната цел – свет без нуклеарно оружје – но дека нивната земја треба да биде реална во услови на растечки глобални конфликти.

Преживеаните од атомските бомби и нивните поддржувачи ја критикуваа јапонската влада дека дава празни ветувања додека се држи до американскиот нуклеарен чадор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ