„Законот за средно образование утринава го повлеков, Комисијата нема да се одржи. Сè уште ќе се доработува тој закон и потоа повторно ќе го вратиме во процедура… Постојат многу други промени во законот што се неопходни да се направат, затоа што законот од 1995 година не е менуван. Донесени се незначителни 34 промени. Мораме да менуваме концепции, наставни програми и наставни планови, сè она што е неопходно за децата да се стекнат поголемо знаење, да можат на факултетите да постигнат високи резултати и да останат во државата“, изјави Јаневска денеска за медиумите за предлог-законот кој повторно се повлекува од Собрание.
Во објава на Фејсбук попладнево таа наведе дека во новото предлог-решение се предвидени: поголема поддршка за талентираните ученици; образовни асистенти во средните училишта; воведување кариерни советници кои ќе ги насочуваат учениците да продолжат да се надградуваат или да работат во соодветни области согласно нивните вештини и способности, а не според желбите на родителите; уредување на начинот на кој ќе се реализира формалното образование на децата во казнено-поправните и воспитно-поправните домови.
„Измени ќе има и во државната матура – воведуваме училишна и државна матура, кои ќе се разликуваат во гимназиското, стручното и уметничкото образование. Ќе потсетам дека постојниот закон е усвоен во 1995 година“, напиша Јаневска на Фејсбук.