Таа појасни дека Стратегијата е едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава, која, како што рече, се покажала како многу ефикасна во повеќе земји.
„Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од по 10 или 15 ученици, туку кога ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштата, која опфаќа многу додатни предмети, изборни предмети, воннаставни активности, работа со деца кои имаат потешкотии во учење, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења“, нагласи Јаневска пред почетокот на настанот посветен на „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“, ќе се одржи денеска во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ.
Дополнително, како што рече, познато е дека одредени институции во државата се со слаби човечки капацитети, тоа се Бирото за развој на образованието (БРО), Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование и обука имаат потреба од искусни и сериозни луѓе.
„Ќе им понудиме на наставниците, откако ќе направиме мали измени во законите, да се префрлат во овие институции за да можат да дадат свој импакт на образование, односно да го пренесат своето искуство и знаење на оние наставници на кои им требаат обуки и помош. Да, процесот е огромен, процесот е комплициран, но заедно со нашите странски партнери имаме енергија и волја да направиме нешто за да се подобри целокупното образование на нашите ученици. Оптимизацијата, формулата за финансирање, инфраструктурните промени се дел од овој процес“, изјави Јаневска.
Додаде дека овој процес не може да се направи за два, три или пет месеци и порача дека не брзаат.
„Битно е, како што потенцира, да направиме нешто што ќе биде трајно и ќе дава ефект. – Крајниот продукт на образовниот систем е ученик со соодветни знаења на истата возраст, како децата од ЕУ“, порача Јаневска.
На новинарско прашање како ќе функционира приемот на студентите бидејќи се реновираат студентските домови, Јаневска појасни дека вчера била објавена листата, а претседателот на Студентскиот сојуз е во постојана комуникација со министерството.
„Ние сме транспарентни. Она што им го понудивме на студентите е да ги користиме капацитетите на ученичките домови кои не се пополнети. Да, супстандардни беа условите на живеење на студентите во студентските домови“, рече Јаневска. Порача дека сите оние што ги исполнуваат условите ќе бидат сместени во студентски домови и во празните ученички домови.