„Студентите не треба да имаат дилема дека министерството ќе биде постојан нивен соработник, партнер и поддржувач, всушност ќе биде најголем нивен поддржувач, па оттука еве им испраќам порака дека – да, размислуваме за покачување на студентскиот оброк. Влеговме во проект на реновирање на студентските домови за тие да имаат подобри услови за живот и за учење и факт е дека капацитетите се малку намалени, но се обидуваме тоа да го решиме со пренасочување дел од студентите кон употребливите ученички домови и ќе се погрижиме максимален број на студенти да добијат легла за да можат нормално да живеат во градовите каде што ќе студираат“, рече Јаневска.
На новинарско прашање дали Министерството за образование и наука ќе го плати долгот кон ЈСП-Скопје за бесплатниот студентски превоз во висина од 8 милиони евра, Јаневска одговори:
„Нема правен основ по кој Министерството би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. И да сакам не можам, а јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година. Ние планираме средства за слободен превоз на студентите. Но, тоа мора да се реши на поинаков начин. Како ќе одлучи судот така ќе постапуваме“.