вторник, 12 ноември 2024

Јaкимовски: Владата должи за парно за основните училишта во Карпош, долгот треба да си го плати

Долгот на Владата за парно греење за основните училишта во скопската опшштина Карпош е 8,3 милиони денари, изјави денеска градоначалникот на оваа општина Стевчо Јакимовски и ја повика власта да си го плати долгот.

 

Објавено на

часот

Сподели

Јакимовски нагласи дека лани општината издвои 6 милиони денари за оваа намена затоа што Владата не  сакаше да ги плати сметките.

„Локалната самоуправа само управува со основните училишта, а сите обврски  кон училиштата ги покрива Владата, односно Министерството за образование.  Тие ги исплаќаат средствата преку т.н. блок дотации, кои стигаат до општината, а ние само ги пренесуваме до училиштата. За жал, средствата што ги исплаќаат од Министерството за образование до училиштата, ни од далеку не достасуваат за основните потреби на училиштата, а тоа е да се покријат основните трошоци за електрична енергија, да ги покријат трошоците за парно, за ѓубретарина, за вода и тн. Не станува збор за тековно и инвестициско одржување. Сето тоа го покрива локалната самоуправа, а ние имаме обврска само да управуваме. Сето е на терет на Владата на Р. Македонија. Така стои во законот. Долговите на основните училишта на територија на општина Карпош изнесуваат вкупно 8.303.000 денари. Што тоа значи? Минатата година ова време, општина Карпош од својот Буџет одвои 6 милиони денари, и исто вака покри трошоци за греење на училиштата. Оваа година, гледате колку помалку има платено Министерството за образование на училиштата за нивно нормално функционирање. Јас се обратив до министерството, а тие ми рекоа дека немаат денар пари, како знам да се снаоѓам. Е сега мене не ми е јасно. Како имаат пари за споменикот на Мајка Тереза 36 милиони евра, а да си ги платат основните трошоци за да функционираат основните училишта, за тоа немаат пари. Навистина е чудно. Јас ѝ порачувам на Владата и на премиерот да го напуштат популизмот, бидејќи се нафатиле да водат држава. Ако водат држава, тогаш треба да ги обезбедат основните функции на државата, во кои што влегува и образованието за да може нормално да егзистира и да функционира. Да се тргнат од голиот популизам во кои што сега ќе ги обезбедат тие 5 проценти за покачување на плати, а тоа го обезбедија преку недозволување на вработување  на ниту едно ново, повторувам, ново вработување во делот на образованието. Локалната самоуправа се потруди максимално да постави скоро на сите училишта фотоволтаици. Сега набавуваме смарт табли, набавуваме и компјутери. Ништо од тоа, освен во  времето на Груевски кога сме добиле компјутери, не сме добиле во делот на училиштата. Затоа ги повикувам овие 8,3 милиони денари Владата да си ги обезбеди и да си ги плати на училиштата, затоа што локалната самоуправа не е должна ова да го прави“, рече Јакимовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ