среда, 11 декември 2024

Јагленот да се исфрли, гасот да биде преодно решение, а обновливите извори краен енергенс за модерна РЕК Битола

Иако Македонија веќе чекори кон зелена транзиција преку инвестиции во обновливи извори, главен извор на базна енергија во земјава сè уште се термоелектраните (ТЕ) Битола и Осломеј. Со целосна гасификација на Македонија, во план е изградба на нови когенеративни електрани и адаптација на постојните термоелектрани во гасни капацитети. Токму гасот како погонско гориво во наредните три децении се очекува да биде основа за целосно напуштање на употребата на фосилни горива за производство на електрична енергија. Таков е барем планот на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) за забрзана транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија. Но експертите предупредуваат дека и гасот спаѓа во категоријата фосилни горива што загадуваат и дека тоа не е најдоброто решение за зелена транзиција на РЕК Битола.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) за МКД.мк велат дека плановите исто така опфаќаат изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола, која ќе обезбеди и електрична и топлинска енергија во согласност со строгите еколошки стандарди. Оваа електрана ќе биде основа за енергетската транзиција на комбинатот, која ќе треба да обезбеди стабилно и континуирано производство на електрична и топлинска енергија, а токму со тој проект се очекува да започне и енергетската транзиција на комбинатот, постепено заменувајќи го јагленот со природен гас како примарно гориво.

Затворањето на комбинатот е невозможна мисија, модернизацијата е можна

ЕСМ и РЕК Битола се свесни дека европските насоки повикуваат на долгорочно напуштање на јагленот како извор на енергија, но сè додека не се обезбедат базни капацитети за производство на електрична енергија што ќе го заменуваат производството од РЕК Битола, комбинатот нема да може да се затвори, велат за МКД.мк од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

„За таа цел се развиваат проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори. Во минатото на модернизацијата не ѝ беше посветено доволно внимание, но одржувањето на капацитетите на РЕК Битола останува клучно за енергетската стабилност на земјата и контрола на цените на струјата. Доколку решиме да го затвориме, ќе мораме да увезуваме електрична енергија, а на тој начин драстично би се зголемиле цените на струјата за граѓаните и за малите компании. Планираното постепено затворање ќе се спроведува со прераспределба на дел од вработените кон нови производствени капацитети, како гасната електрана во Битола што планираме да ја изградиме, но и во други планирани капацитети од обновливи извори на енергија. Ова е дел од поширокиот план за поддршка на транзицијата кон еколошки прифатливи извори на енергија“, велат од Министерството за енергетика.

Алтернатива на јагленот е користењето природен гас. Среднорочните планови на Министерството за енергетика предвидуваат изградба на две когенеративни гасни централи, од кои една во Битола, додека дополнителен капацитет би се добил преку можната модернизација на ТЕЦ Неготино. Со ова ќе треба да се продолжи животниот век на капацитетите за најмалку триесет години.

Покрај гасните централи, се планираат и нови капацитети од ветерни и соларни електрани, со што ќе се осигури постепената замена на јагленот.

Но за да се реализира ова, потребно е гасот да дојде до Битола. Потребната инфраструктура за овие проекти веќе е во развој, вклучувајќи го и гасниот интерконектор со Грција. Овој интерконектор ќе овозможи достапност на гас од различни извори, како терминалот за течен гас во Александропулис. Но овие планови на МЕРМС засега изгледаат само како пуста желба.

„Далеководот со Албанија не е изграден, а имаме и 1,5 милион евра провизија за неповлечени средства. Што се однесува на Александропули, немаме ни А од Александропули, освен што имаме платено за капацитети“, кажа министерката за енергетика Сања Божиновска на отчетот за 100 дена од работата на Владата.

Владата објави тендер за изградба на интерконекторот со Грција, што се оценува како многу важно за стабилно снабдување со гас. Според најавите на министерот за транспорт и врски Александар Николоски, се очекува понудите да бидат отворени до крајот на овој месец, а интерконекторот да се изгради за две до три години.

Водородот е гориво на иднината, но засега е нереална опција

Според долгорочниот план, новото раководство на РЕК Битола интензивно работи на забрзување на енергетската транзиција преку стратегија што се фокусира и на адаптација на мрежата за идната транзиција кон водород. Со ваквиот пристап очекуваат постепено и контролирано да се замени јагленот, без да се наруши енергетската безбедност на земјата, и приспособување за транспорт на водород, кој се смета за гориво на иднината.

Водородот е нешто што многу често се спомнува во енергетските кругови, но во моментов тоа не е реална опција, вели Пехчевски.

„Жално е што во моментов Македонија има на располагање изобилство од исплатливи технологии за искористување на обновливите извори, како и од деградирани локации што може да се искористат за да се задоволат енергетските потреби на државата, а упорно се заглавува или во продолжена употреба на фосилни горива, или надежта се засновува на неиспитани и неисплатливи технологии како водородот. Теоретски е можно РЕК Битола да се префрли да работи само на водород, но и самиот оператор изјавува ’само во случај кога водородот е лесно достапен’, што може и никогаш да не се случи на нивото на кое е потребно за тој да игра значителна улога во енергетиката. За да може да се користи водородот како енергенс во декарбонизиран енергетски систем, тој треба да биде целосно произведен со употреба на обновливи извори на енергија, односно да биде ‘зелен’ водород. Количеството ‘зелен’ водород што може да се произведе никогаш нема да биде доволно за да овозможи едноставна замена на еден со друг енергенс“, вели Пехчевски.

Со комбинација на обновливи извори на енергија ќе има и струја и топлина

Од МЕРМС за МКД.мк велат дека плановите исто така опфаќаат изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола, која ќе обезбеди и електрична и топлинска енергија во согласност со строгите еколошки стандарди.

„Една од целите ќе ни биде модернизација на РЕК Битола во техничко-технолошка смисла. Еколошките проекти вклучуваат изградба на топловод до Битола, со што граѓаните ќе добијат алтернативен и еколошки прифатлив начин за затоплување“, велат од министерството.

Дека модернизацијата на РЕК Битола е можна преку обновливи извори на енергија покажува Анализата на алтернативи за централно греење на јаглен во битолскиот регион (општините Битола, Новаци и Могила), развиена од Вања Џинлев, енергетски истражувач во Федералниот институт за технологија во Цирих.

Според Џинлев, најизводлива опција за греење би биле фотоволтаичните системи заедно со инвертер-климатизери и за станови и за куќи. Во анализата, тој меѓу другото предлага формирање општинска енергетска заедница, која ќе донесе повеќе придобивки, како што се зголемено локално производство на енергија, минимизирање на увозот на енергија и подобрување на општината енергетска независност, намалени емисии од фосилни горива, зголемен капацитет за обновливи извори на енергија во општината, што директно ги поддржува напорите за декарбонизација на комбинатот, како и заштита од флуктуации на цената на енергијата, што дополнително ја олеснува и ја подобрува долгорочната стратегија на државата.

Затоа Џинлев има низа препораки како за централната, така и за локалната власт. Тој на државата меѓу другото ѝ препорачува да го поедностави процесот на регистрација на фотоволтаичниот систем и да го забрза поврзувањето со мрежата, да овозможи индивидуални инвестиции во средни и големи колективни проекти за обновлива енергија, да овласти општините и граѓаните да формираат енергетски заедници, како и да воспостави национален пазар на електрична енергија.

„Локалните власти да донесат акционен план за пренамена на системите за греење на сите јавни институции во општините Битола, Новаци и Могила со инвертер-клима поврзана со фотоволтаични системи, како и шеми за поддршка за вградување единици за климатизација со инвертер споени со фотоволтаични системи за домаќинства. Граѓаните на општините Битола, Новаци и Могила треба да изберат системи на греење засновани на обновливи извори на енергија и да побараат локалните и националните власти да ги поедностават административните процедури, а од националните стопански комори да обезбедат листа на овластени и заверени компании за инсталација на фотоволтаични системи“, предлага Џинлев во Анализата на алтернативи за централно греење на јаглен во битолскиот регион.

Давор Пехчевски, координатор за енергија за Балканот на мрежата Бенквоч, вели дека технолошки гледано, РЕК Битола може да се приспособи да произведува топлина за загревање на општините Битола, Новаци и Могила, но тоа е тип на централно греење што е стар, неефикасен споредено со новите технологии, и во моментов е и економски неисплатлив на долг рок.

„Ова важи дури и доколку електраната се пренамени да работи на гас. РЕК Битола, освен од селото Новаци, е далеку од другите населени места што би го користеле ова греење, што значи дека треба да има висока излезна температура, над 1.000 Целзиусови степени, од електраната за да ја постигне потребната температура кај крајните потрошувачи. Новите типови централно греење, таканаречени 4-та и 5-та генерација, веќе не користат вакви производствени капацитети за генерирање топлина, имаат многу помала загуба на енергија и се стремат влезната температура во системот да е под 70 , а кај најновите технологии и под 50 Целзиусови степени. На овој начин потребата од енергенси драматично се намалува, а потребните температури се постигнуваат со комбинација од обновливи извори на енергија и системи за складирање топлина. Ова значи дека улогата на РЕК Битола, иако можеби не може целосно да се замени само со соларна енергија, сигурно може целосно да се замени со комбинација од обновливи извори и системи за складирање. Веќе и ЕСМ има договор со германската развојна банка КфВ за развој на систем за соларно греење во Битола“, објаснува Пехчевски.

Во првиот дел од серијата написи за работата на РЕК Битола, МКД.мк се осврна на состојбата и условите за работа на овој рударско-енергетски комбинат. Во вториот дел од анализата, МКД.мк пишуваше за плановите како до еколошка РЕК Битола.

Искра Опетческа

Со овој текст, МКД.мк се приклучува во иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ