Според овој закон, тие би биле депортирани во разорената Газа или на друго место.
Законот, за кој се залагаа членовите на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите екстремно десничарски сојузници, беше усвоен со 61 глас за и 41 глас против.
Сепак, се очекува да биде оспорен на суд.
Законот би важел за палестинските граѓани на Израел и за жителите на анектираниот источен Ерусалим што претходно знаеле за нападите од членови на семејството или кои „искажуваат поддршка или се идентификуваат со акти на тероризам“.
Тие би биле депортирани или во Газа или во други земји за период од седум до 20 години.
Војната меѓу Израел и Хамас, група прогласена за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, продолжува во Газа, каде што загинаа десетици илјади Палестинци, а најголем дел од населението неколку пати беше внатрешно раселен.
Не е јасно дали законот ќе се применува на окупираниот Западен Брег, каде што Израел одржува строга политика на уништување на семејните домови на напаѓачите.
Еран Шамир-Борер, истражувач во Израелскиот институт за демократија и поранешен меѓународен правен експерт за израелската војска, рече дека ако законот отиде до Врховниот суд, тој најверојатно ќе биде поништен, врз основа на минатите случаи на депортација од Израел.
„Заклучокот е дека овој закон е целосно неуставен и против основните вредности на Израел“, рече Шамир-Борер.
Израел го окупираше Западниот Брег, заедно со Газа и источен Ерусалим, за време на Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците сакаат овие три територии да бидат дел од нивната идна држава.
Тој ги повлече војниците од Газа во 2005 година, но повторно окупираше делови од територијата откако Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Поголем дел од меѓународната заедница не ја признава израелската анексија на источен Ерусалим. Палестинците во оваа земја имаат постојан престој и им е дозволено да аплицираат за државјанство, но повеќето избираат да не го прават тоа. Оние што аплицираат се соочуваат со голем број пречки.
Палестинците што живеат во Израел сочинуваат околу 20 отсто од населението во земјата. Имаат државјанство и право на глас, но се соочуваат со голема дискриминација.