Сепак, тие исто така треба да внимаваат на зборовите на американскиот претседател Џо Бајден кои повикуваат на претпазливост. За време на неговата посета на Тел Авив на 18 октомври, Бајден сочувствувал со бесот што го чувствуваат Израелците. „Јас разбирам, и многу Американци разбираат“, рече тој. Но, Бајден, исто така, ги советуваше Израелците да не бидат обземени од нивниот бес. „По 11 септември, ние во Соединетите Држави навистина бевме бесни“, предупреди тој, „и додека баравме правда и добивме правда, ние направивме и грешки“. Два дена подоцна, во телевизиско обраќање во ударен термин, Бајден го повтори неговиот повик до владата на Израел „да не биде заслепена од гнев“.
Како би изгледало во пракса Израел да го следи советот на Бајден? Кои поуки треба да ги извлече израелската влада од стратешките грешки што ги направија САД по терористичките напади кои се случија на 11 септември 2001 година?
Прво, иако Израел треба да ги користи своите воени капацитети за да погоди точно определени воени цели (водачи на Хамас, командни центри, складишта за оружје и тунели), официјалните лица не треба да имаат илузија дека бруталната сила ќе може да го постигне посакуваниот политички исход. Во Авганистан и во Ирак, САД на своја мака научија дека супериорната воена сила, иако е корисна за елиминација на противниците, сепак ретко доведува до остварување на замислената политичка цел.
И покрај две децении на американско учество кое чинеше огромни средства, Авганистан е повторно во рацете на Талибанците а во Ирак има политичка дисфункција и расцепи на ниво на општини. Додека Израел нема друг избор освен да употреби сила за да го нападне Хамас, тој мора да употреби и други инструменти (дипломатија, хуманитарна помош, економски можности) за да може да го обликува она што ќе следува.
Второ, иако воената кампања на Израел можеби сè уште е во рана фаза, креаторите на политиката треба да започнат со планирање на тоа како ќе се управува со Газа по елиминирањето на Хамас. САД беа фатени во „замка“откако го урнаа стариот поредок во Ирак и Либија. Тие беа неподготвени да изградат нешто ново а тоа донесе само лоши работи.
Израел треба сега да се подготви за денот кој ќе осамне по престанокот на борбите. Дали ќе бара од палестинската управа да управува со Газа? Каква улога ќе имаат Обединетите нации? Дали ќе има повеќе смисла да се состави коалиција на оние кои се подготвени (како што се САД, Европската Унија, Египет и Катар) да ги надгледуваат обновата и управувањето, барем на самиот почеток? Сега е време да се започне со решавање на овие прашања.
Трето, иако започнува силна воена кампања против Хамас, Израел треба, колку што е можно повеќе, да ја ограничи штетата врз физичката и институционална инфраструктура на Газа; во спротивно, ризикува да го осуди преостанатото население на долготрајно страдање па дури дури и на колапс на општеството.
САД ги распаднаа државните институции на Ирак на не многу мудар начин и овозможија да се случува хаос на теренот, жилав бунт на Сунитите и растечко влијание на Иран. И покрај лошите резултати во Ирак, НАТО ги уништи политичките основи на Либија, што доведе до тоа Либија да стане неуспешна држава која е експлоатирана од екстремистички групи и е подложена на трајна племенска поделба. Ако Израел уништи голем дел од Газа, радикализмот и насилниот екстремизам најверојатно ќе излезат од урнатините.
Конечно, Израел треба да ја игра долготрајната игра, имајќи предвид дека САД продолжуваат да ги сносат последиците од трајната штета која беше предизвикана од нивните стратешки грешки направени на Блискиот Исток. Соборувањето на владата во Ирак го оснажи Иран, кој сега има моќни застапници (вклучувајќи го и Хамас) низ целиот регион. И Авганистан исто така беше втурнат во хуманитарен кошмар пред самото повлекување на САД.
Покрај тоа, угледот на Америка никогаш не се опорави поради фотографиите од злоупотреба на затворениците во „Абу Граиб“, извештаите на ЦИА за „груби“ техники на испрашување, притворот на неопределено време на затворениците во заливот Гвантанамо на Куба и многуте напади со беспилотни летала што одзедоа животи на невини цивили. Овие и други практики неповратно го нарушија имиџот на земјата во очите на светот.
Израел веќе бие тешка битка на истото поле. Иако Израел има право да се брани, а убиствата и киднапирањата извршени од Хамас се работи кои оправдуваат насилна одмазда, Израелците сепак треба да го почитуваат меѓународното хуманитарно право. Тоа значи сведување на загубата на цивилни животи на минимум, истовремено обезбедувајќи постојан проток на лекови, храна и гориво во Газа.
Ваквата воздржаност ќе го ублажи широко распространетиот политички гнев што сигурно ќе биде создаден од континуираната кампања на Израел против Хамас. Тоа, исто така, ќе ја намали веројатноста за проширување на конфликтот и негово прераснување во регионална војна; го олеснуваат одржувањето на Авраамските договори, кои воспоставија дипломатски односи меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан; и на крајот, да им овозможат на Израел и Саудиска Арабија да ги продолжат разговорите за нормализација на дипломатските односи.
Водењето на војна во Газа од страна на Израел, исто така, ќе ги обликува неговите идни односи со палестинската заедница. Грозоморниот напад на Хамас и новата рунда насилства што ја предизвика, открија дека претходната статус кво состојба беше неодржлива.
Со оглед на тоа дека живеат едни до други, Израелците никогаш нема да бидат безбедни освен ако во исто време не се безбедни и Палестинците, и обратно. Двата народа на крајот ќе треба да работат заедно за да обезбедат решение во вид на две држави што ќе донесе траен мир. Трагедијата на сегашниот конфликт можеби ќе ја оствари таа реалност за Израелците и Палестинците.
Чарлс А. Капчан