„Особено загрижува откритието дека помалите честички, особено ситните честички – ПМ2.5, како и азотниот оксид, кои се создаваат при согорувањето на горивото, успеваат да стигнат до плацентата за време на бременоста преку мајчиниот организам и влијаат на развојот на мозокот на фетусот“, тврдат научниците чиј труд беше објавен во медицинското списание Брејн медисин во ноември.
Изложеноста на трудниците на загаден воздух негативно влијае на имунолошкиот систем на мајката, а бремените жени и децата се особено во опасност во регионите со екстремно високо загадување на воздухот, велат научниците и апелираат да се преземат соодветни мерки за заштита на трудниците од оваа опасност.
„Различни видови на невролошки нарушувања, вклучително и нарушувања од спектарот на аутизам, може да се поврзат со овој фактор на загадување на животната средина“, вели водечкиот автор на студијата Хајтам Амал од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.
„Се чини дека времето на изложеност на азотен оксид е клучно бидејќи изложувањето на овие загадувачи за време на бременоста и раниот постнатален развој на детето претставува значителен ризик за развој на аутистични нарушувања, со оглед на тоа дека се работи за клучен дел од невро-развојниот процес“, објасни Амал, додавајќи дека лицата со генетска предиспозиција за аутистични нарушувања може да бидат уште почувствителни на штетните ефекти од изложеноста на азотен оксид.
Студијата опфати и други загадувачи на воздухот за кои е откриено дека го зголемуваат ризикот од развој на аутизам.
Авторите на студијата предупредуваат дека еден од нив е и бензенот, кој се наоѓа во издувните гасови на возилата, кој се создава како нуспроизвод на индустриските процеси, а го има и во чадот од тутунот.
Истражувањата чии резултати беа објавени минатата година укажуваат на поврзаност помеѓу загадениот воздух и чувствителноста на новороденчињата за развој на астма, церебрална парализа и проблеми со менталното здравје подоцна во животот, додека загадувањето на воздухот во тој период е поврзано и со зголемување на зачестеноста на бактериите отпорни на антибиотици.