„Светот треба да знае и лидерите на Хамас треба да знаат – ако до Рамазан заложниците не се дома, борбите ќе продолжат насекаде, вклучително и во областа Рафа“, рече поранешниот началник на израелската армија Ганц.
Тој додаде дека на оние што велат дека цената е превисока им порачува дека Хамас има избор – може да се предадат, да ги ослободат заложниците и цивилите во Газа и да го прослават празникот Рамазан.
Тој зборуваше на Конгресот на претседателите на големите американски еврејски организации собрани во Ерусалим.
Светиот муслимански месец Рамазан треба да започне околу 10 март.
И покрај повиците на дел од меѓународната заедница, владата на Бенјамин Нетанјаху е решена да започне офанзива врз градот Рафа, јужно од Појасот Газа долж затворената граница со Египет, каде што се собраа 1,4 милиони луѓе бегајќи од израелската офанзива.
Најголем дел од раселените во тој град живеат во исклучително тешки услови.
Бени Ганц рече дека офанзивата ќе се изврши во координација и како дел од дијалогот со Американците и Египќаните, преку олеснување на евакуацијата на цивилите со цел да се минимизира „колку што е можно повеќе“ бројот на цивилните жртви.
Рафа и градот Кан Јунес на југот од Појасот Газа, лоцирани на неколку километри еден од друг, како и други делови на палестинската територија, се мети на израелските артилериски и воздушни напади во кои во претходните 24 часа загинаа 127 лица, објави вчера Министерството за здравство на Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година.
Од почетокот на смртоносниот напад што Хамас го изврши на израелска територија на 7 октомври, Израел вети дека ќе ја уништи палестинската исламистичка група и почна офанзива против неа во Газа.