четврток, 27 февруари 2025

Израел одбива да ја повлече војската од стратегиски коридор во Газа

Израел нема да се повлече од стратегискиот коридор во Појасот Газа како што е договорено со прекинот на огнот, соопштил денес функционер за Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелското одбивање да ги повлече трупите може да предизвика криза со Хамас, кого Соединетите Американски Држави, Европската Унија и други земји го сметаат за терористичка организација.

Тоа би можело да предизвика и криза со клучниот посредник во преговорите Египет во чувствителен момент за кревкото примирје, наведува новинската агенција.

Неколку часа претходно Хамас ги предал посмртните остатоци на четворица заложници во замена за повеќе од 600 палестински заробеници, што е последната планирана замена во првата фаза на прекинот на огнот, која завршува викендов.

Разговорите за втората и потешка фаза допрва треба да почнат.

Многу би можело да зависи од посетата на Стив Виткоф, претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, кој се очекува во регионот во следните денови.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во меѓувреме во кратка изјава кажа дека испраќа преговарачи во Каиро, не изнесувајќи дополнителни детали.

Израелски функционер, зборувајќи анонимно во согласност со прописите, кажал дека војската мора да остане во таканаречениот Филаделфиски коридор на страната на Газа на границата со Египет, за да спречи шверц на оружје.

Во посебна изјава министерот за одбрана Израел Кац кажа на состанок со локални лидери дека видел тунели под границата за време на неодамнешна посета на коридорот, без да даде докази или да ги елаборира израелските планови.

Египет вели дека пред неколку години ги уништил тунелите за шверц од своја страна и воспоставил воена тампон зона за да го сопре шверцот.

Хамас порача дека секој обид на Израел да ја задржи тампон зоната во Филаделфискиот коридор би бил „очигледно кршење“ на договорот за прекин на огнот.

Групата вели дека придржувањето до договорот е единствениот начин Израел да обезбеди ослободување на десетината заложници кои Хамас сè уште ги држи во Газа.

Израел би требало да почне со повлекување од Филаделфискиот коридор во сабота, последниот ден од првата фаза, и да го заврши во рок од осум дена.

Во израелската воена офанзива се убиени повеќе од 48.000 Палестинци, според палестинските здравствени служби, а половина од убиените се жени и деца.

Со борбите се раселени повеќе од 90 отсто од жителите на Газа и целосно се уништени инфраструктурата и здравствениот систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ