петок, 24 јануари 2025

Израел: Ја презедовме контролата врз тампон-зоната што ги дели нашите и сириските сили на Голанската висорамнина

Израел денеска објави дека ја презел контролата врз тампон-зоната што ги дели израелските и сириските сили на Голанската висорамнина за да се брани, и покрај апелот на Франција, која го повика Израел да ги повлече своите сили од територијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата објави дека ѝ наредил на армијата да ја преземе демилитаризираната зона во делот на Голанската висорамнина што се смета за сириска откако бунтовниците го соборија сирискиот претседател Башар ал Асад.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Израел, Орен Марморштајн, денеска на платформата Икс објави дека потегот е неопходен од одбранбени причини, поради заканите од џихадистичките групи што дејствуваат во близина на границата.

„Израел ќе продолжи да дејствува за да се брани и да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани доколку е потребно“, напиша Марморштајн.

Кабинетот на Нетанјаху во соопштението наведува дека падот на режимот на Асад создал вакуум на израелската граница и во тампон-зоната и затоа израелските сили влегле во зоната и ја презеле контролата на стратегиските локации во близина на израелската граница.

„Тоа распоредување е привремено додека не бидат основани силите посветени на договорот (за раздвојување) од 1974 година и додека не се гарантира безбедноста на нашата граница“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

На соопштенијата им претходеше не само повикот на Франција, туку и барањето на ОН и неколку земји од Блискиот Исток Израел да ги повлече своите сили од тампон-зоната.

Француското Министерство за надворешни работи изјави дека со преземањето на демилитаризираната зона, Израел го прекршил договорот за раздвојување од 1974 година, со кој е воспоставена тампон-зона патролирана од силите на ОН.

Франција побара Израел да ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, објави Франс прес.

Специјалниот известувач на ОН за промоција и заштита на човековите права и основни слободи и за борба против тероризмот Бен Саул исто така го повика Израел да се повлече.

„Апелирам до Израел да се повлече од илегалната окупација на дополнителна сириска територија надвор од окупираната Голанска висорамнина, под изговор за спротивставување на тероризмот и во отсуство на каков било оружен напад врз Израел што би ја оправдал самоодбраната“, напиша Саул на платформата Икс.

Израел ја освои Голанската висорамнина во војната во 1967 година и подоцна ја анектираше, што меѓународната заедница, со исклучок на САД, не го признава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ