недела, 19 јануари 2025

Израел го гаѓаше Либан и покрај прекинот на огнот, вели дека погодил ракетни бази на Хезболах

Израелската војска синоќа соопшти дека погодила ракетни фрлачи на Хезболах во јужен Либан, и покрај прекинот на огнот со либанската вооружена група, додека двете страни разменија обвинувања за прекршување на договорот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според израелската војска, цел на нападот биле ракетните бази на Хезболах со среден дострел во регионот Набатеа.

Либанската Национална новинска агенција АНИ извести за најмалку три израелски напади во регионот.

Израелската војска објави дека пред нападот е испратено барање до либанските вооружени сили да ги неутрализираат ракетните бази, кои претставуваат закана за израелските цивили и војници.

Армијата соопшти дека нападнала откако утврдила дека либанските вооружени сили не одговараат на барањето.

Примирјето на 27 ноември ѝ стави крај на двомесечната војна меѓу израелската војска и проиранското либанско движење Хезболах, кое отвори фронт против Израел во почетокот на неговата војна со палестинскиот сојузник на Хезболах Хамас во Појасот Газа во октомври 2023 година.

Прекинот на огнот главно се одржува, и покрај меѓусебните обвинувања за постојани прекршувања.

За надзор на неговото спроведување и прекршувањата воспоставен е механизам што ги обединува Франција, Соединетите Американски Држави, Либан, Израел и мировните сили на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан.

Договорот за прекин на огнот предвидува повлекување на израелската армија во рок од 60 дена од јужен Либан, каде што влезе на крајот на септември, и повлекување на Хезболах северно од реката Литани, на 30 километри од либанско-израелската граница.

Израелската војска денеска инсистираше дека ќе продолжи да ги елиминира заканите за Израел „во согласност со договорите за прекин на огнот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ