Нашите читатели сведочат дека пожарот првично избувнал на еден километар од куќите Маркова Сушица после крстосницата накај фармите по што се приближил на 600-700 метри од куќите.
„Веднаш пријавивме на единствениот европски број 112 и ни беше потврдено дека пожарот е регистриран. Ер тракторот што тргнал да го гаси пожарот кај Китка беше насочен тука. Се надеваме дека ќе биде брзо угасен, но лошо е што дува ветер“, велат нашите читатели.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ја потврдија информацијата и соопштија дека од 12 часот, со пет пожарникари и 2 противпожарни возила се интервенира на сѐ уште неутврдена површина во атарот на селата Соње и Добридол, каде гори зафатена ниска вегетација.
„Моментално ситуацијата е под контрола“, велат од ЦУК.
Претходно ЦУК информираше во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои активни се пет, три се ставени под контрола, а 29 се изгаснати.