вторник, 8 октомври 2024

ИРЛ: Со груби лаги обвинителот Јовески се пресметува со новинарите преку Јавното обвинителство

Објавено на

часот

Сподели

Реакцијата на ИРЛ ја пренесуваме во целост: 

„Во текот на главната расправа, одбраната даде предлог, покрај писменото вештачење, лично да се сослуша и вештото лице од Германија кое го изготвило писмениот наод – доказ во постапката. По тој предлог на обвинетите се произнел и јавниот обвинител. Вештачењето на германските експерти беше изготвено по замолница од Јавното обвинителство, кое го предложи и го изведе како писмен доказ. Потврда за ова се и завршните зборови на јавниот обвинител во кои тој својот случај го темели и на ова вештачење во корелација со сите други прибавени докази во постапката“, пишува во соопштението на ОЈО.

Републичкото јавно обвинителство посочува дека јавниот обвинител се произнел пред Судот, а на барање на одбраната да се испитуваат германските вештаци. Обвинителството пропушта да посочи дека надлежниот обвинител самиот барал во Судот да не се канат овие вештаци бидејќи за конкретниот случај, според самите зборови на обвинителот, ова вештачење е беспредметно за оваа постапка. За ова постои и записник и аудио од судењето каде што се снимаат сите рочишта. 

Недолично и нечесно е институцијата која треба да демонстрира одговорност кон жртвите и да обезбеди правда за граѓаните да манипулира со фактите и неосновано да ги напаѓа новинарите. На овој линк граѓаните можат самите да ја го чујат тонскиот запис од судницата бидејќи истиот прецизно го демантира обвинителството.

„Доколку кај новинарите на ИРЛ постои макар и најмал интерес да објават вистина за постапувањето на Јавното обвинителство во овој процес, тимот на јавни обвинители кои работеа на предметот и претходно им стоеше, а и сега им стои на располагање за разјаснување на сите правни прашања или дилеми за текот на кривичната постапка“, пишуваат од ОЈО.

Ова е неточно. ИРЛ поседува е-маил пораки и смс пораки, а наш новинар и телефонски разговараше со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Исходот беше ист – тие не одговорија на е-маил поканите на ИРЛ, а портпаролот на институцијата Билјана Арсовска и нè извести дека обвинителот не може да коментира случаи за коишто се водат постапки.

Првата покана до Јовески беше упатена на 6 јуни. Околу две недели не одговараше никој бидејќи, како што не известија, лицата од службата за односи со јавност биле на одмор. Обвинителот Бесир Алиу од Тетово одби да даде интервју и за тоа самиот го посочи како пречка својот шеф Јовески. Единствено јавниот обвинител Ислам Абази одобри брифинг со надлежната обвинителка Елизабета Јосифовска во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, што впрочем беше прикажано и во документарниот филм.

„Во спротивно, Јавното обвинителство уште еднаш апелира итно да престане злоупотребата на овој процес за неоснована лична и институционална дискредитација. Потсетуваме дека во тек е жалбена постапка и уште еден отворен предмет кои можат да претрпат сериозна штета од неодговорно новинарско известување и од манипулацијата со сочувствата на јавноста со огромната трагедија“, се посочува во соопштението на ОЈО.

Обвинителството наместо да ги напаѓа новинарите кои откриваат злоупотреби, треба да ѝ одговори на јавноста зошто првиот предмет не се однесувал на причините за пожарот, а зошто вториот предмет сè уште е во предистрага. Во тонските записи од судењата и самиот судија истакнува дека обвинителството не донело предмет за причините за пожарот, туку за немање противпожарни апарати и непочитување на здравствените прописи.

Обвинителството тврди дека новинарите му штетат на овој тековен случај и со ваквите изјави прави обид да се изземе од одговорноста за постапките кои се заглавени во нивните институции. Оваа институција со години е предмет на остри критики на сите домашни и меѓународни институции, а довербата на граѓаните во нивната работа е 1 процент.

                                                                                            Фото: ИРЛ

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ