Говорејќи пред новинарите во Њујорк каде што пристигна на Генералното собрание на Обединетите нации, Масуд Пезешкијан рече: „Не сакаме да бидеме причина за нестабилноста на Блискиот Исток бидејќи последиците би биле неповратни“.
„Сакаме да живееме во мир, не сакаме војна“, додаде тој. „Израел е тој што се обидува да предизвика сеопфатен конфликт“, рече тој.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека израелските воздушни напади во понеделникот во Либан уништиле десетици илјади ракети на Хезболах, додавајќи дека тоа е најтешката недела за движењето поддржано од Иран од неговото основање. „Денес дојде до значајна ескалација. Уништивме десетици илјади ракети и прецизна муниција. Она што Хезболах го изгради во 20 години од втората Либанска војна, израелската војска го уништи“, објави тој.
Повикот на Пезешкијан за дијалог за решавање на конфликтот на Блискиот Исток доаѓа по интензивниот бран израелски воздушни напади против Хезболах, најсмртоносниот ден во Либан во речиси една година конфликт меѓу Израел и Хезболах.
„Ќе ја браниме секоја група што ги брани своите права и себеси“, одговори Пезешкијан на прашањето дали Иран ќе се вклучи во конфликтот меѓу Израел и Хезболах, без да наведе детали.