среда, 19 март 2025

Иран го зголеми производството на високо збогатен ураниум, расте загриженоста на Западот

Иран го заголеми производството на ураниум збогатен на ниво блиско до потребното за изработка на нуклеарно оружје, покажува извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), а пренесува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ИАЕА наведува дека Иран до 8 февруари имал 274,8 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што претставува зголемување од 92,5 килограми во однос на последниот извештај од ноември 2024 година. Во август минатата година Иран располагал со 164,7 килограми.

За ураниумот да може да се користи за нуклеарно оружје потребно е да биде збогатен најмалку до 90 отсто.

„Иран значително го зголемил производството и акумулацијата на високо збогатен ураниум и е единствената држава која нема нуклеарно оружје, а која произведува таков нуклеарен материјал, што предизвикува сериозна загриженост“, се наведува во доверливиот извештај.

Според податоците на ИАЕА, околу 40 килограми ураниум збогатен на 60 отсто теоретски е доволно за производство на една атомска бомба, ако дополнително се збогати на 90 отсто.

За време на својот прв претседателски мандат, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече Соединетите Американски Држави од нуклеарниот договор на Техеран со светските сили и повторно му воведе санкции на Иран. Исто така, во 2020 година го нареди убиството на моќниот ирански генерал Касем Сулејмани.

Иран инсистира дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирнодопски цели, но директорот на ИАЕА Рафаел Гроси претходно предупреди дека Техеран има доволно збогатен ураниум да произведе „неколку“ нуклеарни бомби, доколку се одлучи за тоа.

Иранските функционери сè почесто сугерираат дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје.

Ова прашање создава дополнителен притисок врз Трамп, кој повеќе пати истакнуваше дека е отворен за преговори со Иран, додека истовремено постепено ги заострува санкциите против иранската продажба на нафта.

Дури и иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор за сите државни прашања, во говор во август навести дека е отворен за разговори со САД, кажувајќи дека „нема штета“ во ангажман со „непријателот“.

Меѓутоа, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во вторникот ја отфрли можноста за какви било директни преговори со Вашингтон поради „максималниот притисок“ од администрацијата на Трамп.

„Нема да преговараме под притисок, закани или санкции“, изјави Аракчи еден ден откако САД му воведоа нови санкции на Техеран, поврзани со продажбата на нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ